Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба изјавена од одбраната на Артан Груби недостапен за органите на прогон, против решението на судија на претходна постапка, донесе одлука со која ја одби жалбата на одбраната и го потврди решението на судија на претходна постапка со кое му се определува мерка притвор од 30 дена, информираат од Судот.
На 17 декември Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на поранешниот прв вицепемиер Артан Груби и на поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, кои се недостапни за органите на прогон. Тие се поврзани со истрагата за злоупотреба на службената положба, примање поткуп и злоупотреба на постапката за јавен повик во случајот со Државната лотарија на Република Северна Македонија.
Груби е во бегство откако беше обвинет за корупција и злоупотреба на службената положба. Првичните информации укажуваат дека побегнал во Косово, но подоцна се појавија тврдења дека се наоѓа во Албанија. Во бегство е и Бајрами, а Министерството за внатрешни работи (МВР) распиша меѓународна потерница по двајцата.
Според последните информации, тој е засолнет во Албанија, во близина на Драч, иако земјата ја напушти заминувајќи кон Косово.
При анализата на неговиот план за бегство, она што првично беше нејасно е зошто Губи веднаш не заминал за Албанија, особено ако е точна информацијата дека покрај македонскиот има и албански пасош, но и фактот што ужива големо почитување од албанскиот премиер Еди Рама. При една од посетите, албанскиот премиер за него изјави:
„Артан Груби е најдобриот Албанец меѓу Македонците и најдобар Македонец меѓу Албанците“, пишува ФОКУС.
Како што стои во објавата на ФОКУС, Груби првично планирал да замине во Албанија, но не ја добил очекуваната поддршка од албанскиот премиер. Според нашиот соговорник, откако неговото име осамна на црната листа на САД, тој како што и направи, се повлече од политиката, но наводно планирал да се пресели во Албанија, каде што би бил советник на премиерот Рама. Но планот се изјаловил кога на негово изненадување разбрал дека сепак ќе биде еден од осомничените за ,,Лотарија”.
-Рама отворено му кажал дека нема да му даде азил, поради истрагата за ,,Лотарија”, зошто во таков случај би имал проблем со странците, бидејќи Албанија е во чуствителна фаза во преговорите за влез во ЕУ, вели нашиот соговорник.
![]()

