(ВИДЕО) СДСМ обвини дека Мицкоски го штити Меџити, до Владата доставија документи за наводни злоупотреби

СДСМ достави документи до Владата, за кои тврди дека се доказ за вицепремиерот Изет Меџити дека работел незаконски.

Од партијата велат дека документите се релевантни, бидејќи се од државни институции со архивски броеви, печати и потписи.

Скандалозно и истовремено комично е што Мицкоски за „пет минути“ ги проверил доказите кои СДСМ ги достави за Изет Меџити. Повеќе од јасно е дека тој го штити Меџити и се прави слеп на докази кои се јасно потврдени од институциите на државата, обвини денеска опозициската СДСМ.

„Со ова јасно се потврдува дека Мицкоски е заложник на Изет Меџити и неговите политики. Прво криеше дека Меџити има планирано 3.000 партиски вработувања додека списоците за вработувањата веќе на големо се споделуваат по социјалните мрежи. Сега го крие и штити за скандал и прекршување кое го потврдил со документи Државниот управен инспекторат.

„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата.
Еве ги тие документи коишто до нас се доставени од свиркачи и кои се од државни инситуции, со архивски броеви, печати и потписи.

Овде јасно е наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето, дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети.

Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и граѓаните.

Според ова наведено во овие документи, во Министерството за животна средина бил поставен систем за потпис и одлучување спротиво на законите и административните процедури, што отвора сомнежи за корупција и мито.

Очекуваме Мицкоски да ги прочита, да ги разгледа внимателно и да одговори на сите овие сомнежи за злоупотреби и можна корупција.

Ајде да видиме сега дали нешто ќе преземе премиерот со овие докази во рака. Дали ќе ги повика надлежните институции да реагираат, или Мицкоски ќе продолжи да го штити Изет Меџити?, се вели во реакцијата на СДСМ.

СДСМ бара ДКСК да поведе постапка и ќе ја достави целата документација. СДСМ бара обвинителството да постапи по допрен глас итно и неодложно.

Loading