Кардиолог од ВМА се огласи за здравствената состојба на Вучиќ по итната хоспитализација: „Почувствува силна болка во градите“

Српскиот претседател Александар Вучиќ е примен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград откако му се слошило за време на престојот во САД.

Според д-р Драган Динчиќ, началник на Управата за воено здравство и кардиолог, Вучиќ почувствувал силна болка во градите која, според него, траела неколку секунди, иако сведоци велат дека болката била подолготрајна.

– Претседателот има долга историја со висок крвен притисок, а вакви тегоби имал и претходно – изјави Динчиќ.

По земањето на интензивната терапија, по околу 45 минути, пристигнал американски медицински тим кој измерил притисок од 165/98 mmHg, што укажува дека пред терапијата бил уште повисок.

Министерот за здравство д-р Златибор Лончар потврди дека по направените прегледи и анализи, здравствената состојба на Вучиќ е стабилна и под контрола. Конзилиумот на ВМА ја адаптирал неговата терапија и препорачал внимателно следење во наредните денови.

– Се очекува да биде пуштен од болница наскоро, но не е реално да се врати на секојдневните активности веднаш – истакна Динчиќ.

Претседателот се пожалил на здравствени проблеми непосредно пред следната серија состаноци во САД, каде што веќе оствари средби со конгресменката Клаудија Тени, поранешниот гувернер Род Благојевиќ и српски бизнисмени од дијаспората. Во моментот кога му се слошило, со него биле министерот за финансии Синиша Мали и медиумската советничка Сузана Васиљевиќ.

Loading