Невреме ја зафаќа Македонија: Град, силен ветер и грмежи го прекинуваат топлиот бран

По невообичаено жешкиот јулски викенд, Македонија денес (недела, 6 јули) влегува во фаза на дестабилизација на атмосферата, како резултат на судир на многу топлиот воздух од југ со поладна воздушна маса што навлегува од северните предели на Балканот.

Според актуелните метеоролошки анализи, попладневните и вечерните часови ќе донесат услови за локално невреме, особено во планинските региони. Се очекува развој на нестабилна облачност, пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења, засилен ветер со брзина над 60 километри на час и појава на град со потенцијал да предизвика штети.

Скопскиот Регион, иако нешто помалку подложен, исто така ќе биде под влијание на оваа нестабилна воздушна маса, со услови за краткотрајни, но интензивни поројни дождови, грмежи и засилен ветер.

Метеоролозите предупредуваат дека нестабилноста се очекува да биде изразена на локално ниво, што значи дека појава на невреме нема да има насекаде, но таму каде што ќе се развие, може да биде проследена со краткотрајни, но интензивни атмосферски процеси.

Дополнителен ризик претставуваат и електричните празнења, поради што се апелира до граѓаните да избегнуваат престој на отворено и под осамени дрвја во текот на невремето.

Нестабилното време е дел од поширок метеоролошки фронт кој веќе ги зафати северна Италија и Панонската низина, а според прогнозите, во наредните денови се очекува проширување на нестабилноста и кон другите делови од Балканот, вклучително и Србија, каде што се најавува можност за појава на екстремни бурни системи со потенцијални удари на ветер до 140 км/час и град со дијаметар до 10 сантиметри.

Loading