Сведоци на несреќата во која загинаа фудбалерите Диого Жота и неговиот брат Андре Силва ѝ противречат на изјавата на шпанската полиција во која се наведува дека сè упатува на тоа дека неприлагодена брзина е причината за тешката сообраќајна несреќа.
Браќата го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа на автопатот А-52 во шпанската покраина Самора, патувајќи за Сантандер во зелен „ламборџини – хуракан“, кој излетал од патот и се запалил.
За жал, возилото изгорело на лице место заедно со Жота и Силва. Еден од возачите кој прв стигнал на местото на несреќата е Хозе Алеишо Дуарт. Тој за шпнаските медиуми изјавил дека браќата го претекнале пет минути пред кобната несреќа, но додава дека возеле со умерена брзина.
Тој ги негира тврдењата на шпанската полиција дека причината за сообраќајната несреќа е „преголема брзина“, и додава дека тој и уште еден сведок виделе како ламорџинито се излизгало на патот кој е во многу лоша состојба, пишува „Марка“.
Возачот на камион Хозе Азеведо, кој тврди дека е автор на снимката на која се гледаат првите сцени од запалениот автомобил, открива дека се обидел да им помогне на браќата.
„Ја снимав несреќата, се обидов да помогнам, но за жал ништо не можев да направам. Совеста ми е чиста. Знам низ што поминав таа ноќ затоа што не знаев кој бил во автомобилот. Мое искрено сочувство до семејството“, изјави Азеведо, па исто така ја отфрли теоријата дека неприлагодената брзина била причината за фаталната несреќа.
„На семејството им давам збор, не возеа пребрзо. Ја видов марката и бојата на автомобилот кога ме претекнаа. Возеа многу смирено. По тој пат возам секој ден, од понеделник до сабота.
Знам каков е патот, имам видено луди сцени од други возачи, но тие возеа многу мирно. Беше ноќ, но јасно го видов возилото. За жал, заврши како што заврши“, заклучи Азеведо.
![]()

