Првиот рекет на светот, Италијанецот Јаник Синер, по убедливата победа над Американецот Бен Шелтон со 3:0 во сетови, обезбеди пласман во полуфиналето на Вимблдон, каде ќе се соочи со Новак Ѓоковиќ. По мечот, Синер испрати јасна порака до српскиот ас.
На прес-конференцијата по триумфот, Синер потсети дека пред две години токму Ѓоковиќ го елиминираше во истата фаза од Вимблдон, но нагласи дека сега чувствува дека е на повисоко ниво, и физички и ментално.
– Никогаш досега не сум го победил Новак тука, на Вимблдон. Тоа ќе биде голем предизвик. Но, од 2023 година до денес, многу работи се сменија. Се чувствувам посигурно, позрело и поискусно пред вакви натпревари – изјави Синер.
Италијанецот зборуваше и за конкуренцијата во светскиот тенис, со посебен акцент на промените кои ги носи новата генерација.
– Расте нова, нова генерација. Новак е сè уште тука, тука е и Карлос Алкараз. Има многу одлични играчи. Работата не застанува. Сега сум различен играч и човек и се надевам дека можам да кажам и позрел – нагласи Синер.
Иако пред мечот се зборуваше за повреда на неговиот десен лакт, поради која дури откажа и тренинг и направи магнетна резонанца, Синер успеа брзо да се врати на теренот и не покажа слабости против Шелтон.
– Секогаш се обидувам да се ставам себеси во позиција барем да излезам на терен и да се обидам. Денес имав добар физички и ментален фокус уште од загревањето. Реков: „Ќе играм.“ И чувството беше правилно – изјави тој.
Сега сите погледи се вперени кон големото полуфинале – Синер против Ѓоковиќ, дуел кој ветува висока тениска драма и борба на две генерации. Синер вели дека е подготвен за реванш.
Полуфиналето на Вимблдон ќе се одигра на Централниот терен, а точниот термин ќе биде објавен од организаторите наскоро.
![]()

