Новак Ѓоковиќ не успеа да се пласира во финалето на Вимблдон, откако во полуфиналето беше убедливо поразен од Јаник Синер со 3:0 во сетови. Српскиот ас делуваше бледо, без препознатливата енергија, а прашањето за победникот беше решено со невообичаена леснотија.
Ѓоковиќ успеа да покаже знаци на отпор само во третиот сет, но ни тој налет не траеше долго. На моменти беше видливо дека телото го предава, а последиците од повредата, здобиена уште во мечот против Коболи, се чувствуваа со секој нов удар.
На прес-конференцијата по поразот, Ѓоковиќ со доза на искреност што не се слуша често во спортот, рече:
„Не мислам дека е лоша среќа, едноставно се години. Телото е истрошено, колку и да се грижам за него. Последната година ипол го чувствувам тоа како никогаш досега.“
Тој призна дека мечевите во три добиени сета стануваат физички премногу исцрпувачки. Иако годинава стигна до полуфинале на секој Гренд слем турнир, финалните пресметки со играчи како Синер или Алкараз веќе стануваат недостижни.
„Тие се млади, полни со енергија. Јас влегувам во тие мечеви со половина резервоар. Не може така да се победува. Тоа е реалност. Треба да ја прифатам и да извадам максимум од неа“, рече тој.
Дали ова беше последната голема шанса?
Изјавите на Ѓоковиќ не поминаа незабележано, особено кај оние кои одамна стравуваат дека времето на Новак се ближи кон крајот. Младите лавови, како Синер и Алкараз, се брзи, силни, гладни. А телото на 37-годишниот шампион веќе не може да следи ист ритам, без оглед на умот што и понатаму игра на ниво на шампион.
Сепак, ако некој може да се врати, тоа е токму тој. Ѓоковиќ е повеќе од статистика и титули. Тој е спортист кој ја променил историјата на тенисот и инспирирал генерации.
Нема простор за жалење, само за благодарност
Можеби ова не беше неговиот ден. Можеби времето е немилосрдно. Но, во ерата на Ѓоковиќ, ние не видовме само победи – туку и човек кој со секоја капка пот покажа што значи упорност, пожртвуваност и верба.
Ако ова беше почеток на крајот, тогаш нека биде запомнет како достоинствен крај на една величествена кариера. Публиката не памети порази. Паметиме легенди.
![]()

