По повеќе од една деценија од почетокот на изградбата, денеска државна делегација промовираше дека се завршени првите 20 километри од автопатот Кичево–Охрид, на потегот од Врбјани до Ботун. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски најави дека целиот автопат ќе биде готов до крајот на 2026 година.
Автопатот почна да се гради во 2014 година, во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ, со ветување дека ќе биде завршен за четири години. Но, со доаѓањето на СДСМ на власт во 2017, проектот беше прогласен за нефункционален, со многу инженерски пропусти и дополнителни трошоци. Поради промените во трасата и појавата на свлечишта, изградбата се пролонгираше и беше потпишан анекс-договор вреден 185 милиони евра со изведувачот од Кина.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека автопатот претставува симбол на долгогодишен застој и политички неуспех, но сега станува симбол на ново време и напредок. Николоски, пак, рече дека ова е доказ за разликата во капацитетот меѓу сегашната и претходната власт, и најави побрзо поврзување со Тетово, Гостивар, Скопје и Албанија, како и подобра туристичка пристапност до Охрид и Струга.
Владата веќе донесе одлука да го продолжи рокот за изградба до 31 декември 2026, поради 13 нови свлечишта и конструктивни проблеми од почетната фаза. Со сите анекси и дополнувања, проектот досега ја надмина вредноста од 600 милиони евра. Средствата се обезбедени преку кредит од кинеската „Ексим“ банка, кој државата ќе го враќа во рок од 20 години.
![]()

