Ново истражување: И покрај дипломите, Балканците кои работат во земјите членки на ЕУ се платени далеку помалку од локалците

Иако илјадници граѓани од земјите на Балканот заминуваат во побогатите членки на Европската унија барајќи подобар живот, ново истражување објавено во списанието „Нејчр“ открива дека многумина од нив не се наградени со плати што одговараат на нивните квалификации. И покрај тоа што се високообразовани, работниците од регионот се често платени значително помалку од своите локални колеги.

Според анализата, која се однесува на периодот од 2016 до 2019 година и опфаќа податоци за 13,5 милиони работници во девет земји, вклучително и Германија, Франција, Холандија и Шведска, странските работници заработуваат во просек 17,9% помалку од домашните. Истовремено, речиси 40% од нив се преквалификувани за работните позиции што ги извршуваат, што укажува на неефикасно искористен човечки потенцијал.

Истражувачите велат дека најголемиот дел од разликата во платите не доаѓа од тоа дека странците се помалку способни, туку од фактот што тие потешко доаѓаат до добро платени и одговорни позиции.

Најголема разлика во платите е забележана кај работници од Африка и Блискиот Исток, но и кај работниците од Источна Европа и Балканот, иако не се издвоени посебно во оваа студија, се вклучени во категориите со пониски плати. Разни други извори, како американскиот ZipAtlas и извештаи на Меѓународната организација за труд, покажуваат дека работниците од земји како Македонија, Србија, Албанија или Босна и Херцеговина честопати заработуваат 20–25% помалку од домашните работници во земјите каде што се вработени.

Од друга страна, позитивен пример е Шведска, каде разликата во плати е само 7%  што се поврзува со вклученоста на странски работници во јавниот сектор и со постојани државни политики за интеграција. Сепак, во Шпанија, платната разлика надминува 29%, иако емигрантите таму сочинуваат 13% од работната сила и значително придонесуваат за економскиот пораст.

Податоците исто така покажуваат дека децата на емигрантите имаат помала разлика во платите – во просек само 5,7%, а кога се работи за иста позиција, разликата паѓа под 2%. Тоа укажува на подобра интеграција низ генерациите.

Како можни решенија, се посочуваат подобри програми за признавање на странски дипломи, професионални и јазични обуки, системи што ги поврзуваат странските работници директно со работодавачи, и посоодветен пристап до националните образовни институции. Германија, на пример, донесе закон кој им овозможува на странски дипломирани лица да работат додека се чека официјално признавање на нивната диплома. Франција, пак, ја прошири и поедностави својата Carte Talen виза за да привлече висококвалификувани странци, особено во здравствениот сектор.

Истражувањето завршува со пораката дека вложувањето во еднаквост на пазарот на трудот не е само прашање на правда, туку и на економска корист. Според проценките на McKinsey, подобрување на социјалната мобилност кај мигрантите би можело да го зголеми БДП на европските земји за 3 до 9% до 2030 година, дури и без нови обуки или радикални реформи.

Loading