Ратко Младиќ останува зад решетки: Одбиено барањето за предвремено ослободување поради здравствени причини

Претседателката на Механизмот за меѓународни кривични судови, судијката Грациела Гати Сантана, донесе одлука со која го одбива барањето на поранешниот командант на Војската на Република Српска, осудениот Ратко Младиќ, за предвремено ослободување поради хуманитарни и здравствени причини.

Младиќ, кој издржува доживотна казна затвор за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, побара ослободување на 2 јуни оваа година, наведувајќи дека страда од неизлечива болест и дека неговиот животен век е ограничен.

Сепак, според одлуката, иако здравствената состојба на Младиќ е влошена поради староста и сериозните заболувања, таа не се смета за критична и не исполнува услови кои би го оправдале предвременото ослободување. Механизмот нагласува дека неговата состојба е стабилна, дека има постојана медицинска нега и пристап до соодветна терапија во специјалната болница при притворската единица во Хаг.

„Условите во кои се наоѓа се во целосна согласност со принципите на хуманост и достоинство, со висококвалитетна здравствена грижа и редовни контакти со семејството“, стои во образложението.

Иако една од судијките, Приска Матимба Њамбе, имала спротивно мислење и сметала дека барањето треба да се одобри поради евентуални нехумани услови, мнозинството судии не се согласиле со тој став, оценувајќи дека не постојат доволно силни хуманитарни причини кои би биле поважни од интересите на правдата и тежината на делата за кои е осуден.

Ратко Младиќ беше уапсен во Србија во 2011 година, осуден во 2017 од страна на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, а казната му беше потврдена во 2021. Тој повеќе од 14 години се наоѓа во притворската единица на ОН во Хаг.

Од Механизмот додаваат дека ќе му биде обезбедена максимална достапност на членовите од семејството, согласно неговата здравствена состојба, а претседателката ќе продолжи да ја следи ситуацијата и да презема соодветни мерки.

Loading