„Визер“ отвора пет нови директни линии од Скопје: Македонија станува сè поповрзана со Европа

Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Визер“ од ноември започнува со пет нови директни линии од Меѓународниот аеродром Скопје – за Мадрид, Стокхолм, Прага, Бари и Келн. Овој чекор е дел од владината програма за субвенционирање на авиолинии, со цел да се подобри воздушната поврзаност и да се поттикне економскиот развој.

Со ова проширување, „Визер“ не само што ги враќа укинатите линии до Келн и Стокхолм, туку и воведува нова рута до аеродромот Арланда во шведската престолнина, што претставува значаен исчекор.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, изјави дека бројот на новоотворени линии од Скопје во изминатава година се зголемил на 16, што според него претставува конкретен придонес кон економскиот раст:

„Тоа значи повеќе туристи, нови деловни можности и силен економски импакт“, рече Николоски.

Освен „Визер“, нови линии веќе најавија и „Туркиш ерлајнс“, „Изиџет“ и „Луфтханза“, што дополнително ја зацврстува улогата на скопскиот аеродром како регионален центар.

Новите летови ќе им овозможат на граѓаните поевтини и пофлексибилни патувања, а се очекува и пораст на бројот на странски туристи, што ќе има позитивен ефект врз локалната економија.

Loading