Се менуваат евро банкнотите – Европската централна банка најавува модерни и пошарени дизајни, а еве што ќе биде со старите

Европската централна банка (ЕЦБ) најави комплетно обновување на евро банкнотите, кои ќе бидат модернизирани, посигурни и пошарени. Иако ќе се воведат нови дизајни, постојните банкноти ќе останат во употреба додека не се исцрпат залихите, а граѓаните ќе можат да ги користат и менуваат во банките во секое време.

Новите банкноти ќе ги носат двата главни мотива: „Европска култура“ и „Реки и птици“. Темата „Европска култура“ ќе опфати не само архитектонски знаменитости, туку и историски личности кои оставиле значаен белег во операта, науката, книжевноста и уметноста. Темата „Реки и птици“ ќе ја симболизира природната разновидност, богатството на Европа.

На задната страна од банкнотите ќе бидат прикажани европските институции, со цел да се нагласи важноста на зачувување на овие вредности.

Во процесот на дизајнирање учествуваа не само административни експерти, туку и стручњаци од различни европски земји и обични граѓани. Две советодавни групи од еврозоната дадоа свои предлози, а повеќе од 365.000 граѓани се вклучија со мислења. Европската централна банка меѓу 15 јули и 18 август организираше јавен конкурс за графички дизајнери од цела Европа. Избраните дизајни ќе бидат претставени на јавноста во 2026 година.

Воведувањето на новите банкноти ќе се одвива постепено во следните неколку години. ЕЦБ потенцира дека готовината ќе остане во употреба и по воведувањето на новите банкноти, кои ќе бидат поотпорни на фалсификати.

Во случај на евентуално повлекување на старите серии, Европската централна банка ќе го објави тоа однапред за да се обезбеди непречен и постепен преод за пазарот и граѓаните.

Loading