На панел-дискусијата „Ни ваши ни наши – реформа за фер вработувања во здравството“, лекарите уште еднаш ја отворија болната тема за партиските вработувања кои, според нив, го уриваат системот од внатре. Проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија јавно предупреди дека Македонија ја губи најквалитетната генерација млади лекари, додека во здравствените установи се примаат кадри избрани по политички, а не по професионални критериуми.
„Жално и трагично е што каде и да одам во странство ќе најдам свои студенти – најдобрите од генерациите. А кога ќе тропнам на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’, искрено ми е страв каде ќе тропнам. Замислете каков кадар се вработува“, рече Беќаровски, истакнувајќи дека лекарите се понижени кога часови интервјуираат кандидати, а работното место на крај го добива оној за кого ќе се јави партија.
Настанот го организираше Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, заедно со граѓанската иницијатива „Замисли“, Младите правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти. Главното барање – укинување на дискреционото право на директорите при вработувања – добива се погласна поддршка.
Според Гоце Коцевски од Здружението на млади правници, здравствениот сектор е единствен во кој директорите имаат моќ да изберат кого сакаат, без разлика на рангирањето и препораките на комисијата. „Ако сака, директорот може да го вработи и последниот од ранг-листата. Ние бараме да одлучува Комисија составена од стручниот колегиум, а не тела составени од самите директори“, нагласи тој.
Иницијативата веќе доби ветување за системски промени. Ана Синадиновска од „Солуција“ истакна дека по три години разговори со четири различни министри, конечно е направен исчекор – организациите се дел од работната група за измени на Законот за здравствена заштита. Министерот Азир Алиу најави анализа на 12 здравствени закони, со цел синхронизација и деконтаминација на процесите.
Во работната верзија на законот веќе се прифатени дел од барањата: огласите да траат најмалку 15 дена, задолжително онлајн објавување, транспарентни три фази на проверка и интервју во целосна надлежност на независна стручна комисија.
Лекарите и правниците предупредуваат дека секој ден без промени значи нов изгубен кадар и уште еден чекор кон целосен колапс на здравствениот систем. А јавноста останува да чека – дали конечно ќе отпадне политичката „шема“ која ја држи професијата во заложништво?
![]()

