ТРЕНЧЕВСКА „ОТКРИ“ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО: ДОДЕКА СДСМ БЕШЕ НА ВЛАСТ НЕ ПОСТОЕШЕ, СЕ ПОЧНА СО ВМРО-ДПМНЕ!?

Иронично, според реториката на СДСМ, може да се добие впечаток дека семејното насилство во државата речиси и не постоело во периодот кога Јованка Тренчевска беше министерка за труд и социјална политика. Како проблемот да се појавил дури со доаѓањето на новата власт на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, реалноста е дека трагични случаи и алармантни статистики за семејно насилство постоеја и во времето кога СДСМ ги водеше институциите, што отвора прашање дали сегашните обвинувања се искрена загриженост или уште еден обид трагедиите да се претворат во дневнополитичка пресметка.

Трагедијата во скопската населба Карпош, во која животите ги загубија мајка и нејзиното дете, повторно ја отвори темата за институционалната заштита од семејно насилство, но и предизвика жестока политичка пресметка меѓу власта и опозицијата.

Опозициската СДСМ побара итна и неотповиклива оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи дека институциите целосно потфрлиле во случајот. Од партијата наведуваат дека семејното насилство било пријавувано две години, со вкупно 12 пријави против сопругот, но и покрај тоа, институциите не успеале да обезбедат заштита за жртвите.

„Панче Тошковски не успеа, Министерството за внатрешни работи не успеа, Центрите за социјална работа не успеаја. Формалното постапување и ненавремената реакција доведоа до трагичната смрт на мајката и детето“, велат од СДСМ.

Од опозициската партија потсетуваат и на други случаи на родово базирано насилство, наведувајќи дека само во 2026 година четири лица го загубиле животот поради семејно насилство. Според нив, мора да има одговорност и детална истрага за сите институционални пропусти.

Сепак, реакцијата на СДСМ наиде на остар одговор од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека опозицијата повторно се обидува да извлече политички поени од човечка трагедија.

Од владејачката партија потсетија дека СДСМ и во минатото ги користела трагичните случаи за политички цели, споменувајќи ги случаите со Мартин Нешковски, малата Тамара, „Диво Насеље“ и Смилковското езеро.

„СДСМ секогаш кога е во опозиција се обидува трагедиите да ги претвори во политичка алатка. Кога беа на власт со Заев и Филипче ветуваа правда и вистина за овие случаи, но кога ја добија власта, тие ветувања исчезнаа“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, наместо политизација, потребно е институциите целосно да го расчистат случајот и да се утврди индивидуална одговорност доколку има пропусти.

Инаку, трагедијата во Карпош ја потресе јавноста откако мајка и нејзиното дете паднаа од балкон. Братот на жртвата изјави дека неговата сестра долго време била жртва на семејно насилство и дека повеќепати барала помош од институциите.

Случајот повторно ја отвора дилемата дали системот доволно ефикасно реагира на пријавите за семејно насилство, но и дали политичките партии треба да покажат повеќе одговорност и воздржаност кога станува збор за вакви трагедии.

Loading