ДРАМА ВО БЕЛИ МАНТИЛИ: „НЕ ПОСТАПИЛЕ!“ – ЖИВОТОТ ЗАГРОЗЕН, СЕ БАРА ОДГОВОРНОСТ!

Во континуитет, здравствениот систем се соочува со сериозни критики од јавноста, експертската фела и граѓаните, при што сè почесто се отвораат прашања за квалитетот на услугите, професионалната одговорност и почитувањето на основните медицински и етички принципи. Низ годините, бројни случаи на наводна негрижа, доцнење во интервенции, несоодветна комуникација и селективен пристап кон пациенти создадоа длабока недоверба во институциите кои имаат директна обврска да го штитат животот и здравјето на граѓаните. Ваквата состојба, наместо да биде исклучок, сè почесто се перцепира како системски проблем, кој бара сериозна институционална одговорност и темелна реформа.

Дополнително загрижува фактот што во дел од овие случаи, покрај можните пропусти во здравственото постапување, се појавуваат и обвинувања за несоодветен третман, дискриминација, како и недостиг на транспарентност и отчетност од страна на надлежните. Наместо јасни и навремени одговори, јавноста неретко сведочи на молк, релативизирање на одговорноста или префрлање на вината, што дополнително ја продлабочува кризата на доверба во системот.

Во таков контекст, во јавноста беше објавено известување од засегнато лице, кое изнесува сериозни наводи за конкретен случај поврзан со постапувањето на медицински персонал, како и за последиците што, според него, произлегле од тоа постапување. Содржината на соопштението, покрај индивидуалната димензија, отвора и пошироки прашања за функционирањето на здравствениот систем и одговорноста на институциите. Во продолжение го пренесуваме известувањето во целост.

ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА КРИВИЧЕН, ПРЕКРШОЧЕН и ДИСЦИПЛИНСКИ ПРОГОН
Од причини на клеветнички тврдењата и инсинуации изнесени од самонаречени новинарчиња, осудени за рекет и огнено оружје, го прекинувам молкот поради празникот Рамазан и ја известувам јавноста дека животот на мојата мајка беше загрозен поради непрофесионално постапување / непостапување од страна на медицински персонал во Клиниката за кардиологија во Скопје, по што состојбата и се влоши и истата е хоспитализирана на друга клиника во тешка животно загрозувачка состојба. Бидејќи станува збор за лице без јавен интерес, информирам дека секое спомнување или објава на било која информација за нејзината состојба ќе биде предмет на кривична и друг вид постапка.
Во врска со јавно објавените текстови, статуси, пренесени објави и медиумски содржини, најостро, целосно и недвосмислено ги демантирам изнесените наводи како невистинити, тенденциозни, злонамерни и штетни по мојата чест, углед, личен интегритет и јавен кредибилитет за што се ЗАПОЧНАТИ СЛЕДНИ ПОСТАПКИ:
1. Граѓанска постапка за клевета и навреда против лицето Фуркан Салиу, поради изнесување и ширење невистинити и штетни тврдења, навредливи квалификации и содржини со кои се повредуваат мојата чест, углед и достоинство.
2. Пријава до Советот за етика во медиумите против лицето што се претставува како новинар, Фуркан Салиу, поради непрофесионално, неетичко и пристрасно постапување, непочитување на стандардите за проверка на информации, еднострано информирање, навредливо изразување и злоупотреба на медиумскиот простор за лична и јавна дискредитација.
3. Кривична пријава и иницирање дисциплинска постапка против вработено лице во Клиниката за кардиологија, како и против сите други лица за кои ќе се утврди инволвираност од страна на МВР и ОЈО, поради основани сомненија за:
• злоупотреба на службена положба и овластување;
• непружање итна медицинска помош на лице во животно загрозувачка состојба;
• несовесно и нехумано постапување кон болно и немоќно лице;
• дејствија и пропусти со кои е влошена здравствената состојба на пациентот и е загрозен неговиот живот;
• одбивање да се постапи по професионална и медицинска обврска;
• непостапување по насоки на доктор и прекин на преглед надвор од здравствен протокол;
• овозможување привилегиран пристап на друго лице на штета на пациент во животно загрозувачка состојба;
• вербални навреди и закани кон болно лице и членови на неговото семејство;
• предизвикување трајни и непоправливи последици по здравјето на пациентот кој потоа бил згрижен на друга клиника.
4. Постапка за заштита од дискриминација пред надлежните институции по политичка, етничка и верска основа од страна на вработени лица во Клиниката за кардиологија, спрема пациент во животно загрозувачка состојба.
Ги повикувам сите медиуми, портали, администратори на страници и поединци кои ги објавиле, презеле или пренеле спорните содржини, без одлагање да го објават овој демант, да се воздржат од натамошно ширење на невистини и да постапуваат во согласност со законските и етичките стандарди. Во спротивно, секој што свесно ќе продолжи да шири невистинити и штетни тврдења ќе сноси соодветна правна одговорност.
Јавноста ќе биде навремено информирана за секој понатамошен чекор, а конечниот збор за овој случај ќе го дадат надлежните институции, врз основа на факти, докази и закон, а не врз основа на медиумски конструкции, лични пресметки и организирани јавни линчувања.
д-р Петар Богојески

Loading