КОЈ МУ ЈА ОВОЗМОЖУВА КОМОЦИЈАТА НА Дурмо Турс ДА БИДЕ СИМБОЛ ЗА СКАНДАЛИ?

Сериозен инцидент беше откриен на граничниот премин Табановце, каде царинските служби запленија околу 600 парчиња муниција скриени во автобус на превозникот Дурмо Турс.

Според официјалните информации, муницијата – наменета за лесно и долго огнено оружје – била пронајдена при детална контрола на возилото, на внимателно сокриено место. Неофицијално, арсеналот му припаѓал на еден од возачите, кој се обидел да ја пренесе преку граница без дозвола.

Од Основно јавно обвинителство Куманово информираат дека веќе е отворена истрага против две лица. По предлог на обвинител, на осомничените им се изречени мерки на претпазливост, додека надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расветлување на случајот и утврдување евентуална вмешаност на други лица.

Овој случај повторно го актуелизира името на компанијата „Дурмо Турс“, која и претходно беше во фокусот на јавноста по трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци во 2019 година. Во таа несреќа животот го загубија 16 лица, а над 30 беа повредени.

По повеќегодишна судска постапка, на почетокот на 2024 година беа изречени вкупно 39 години затвор за шест лица поврзани со случајот, меѓу кои и сопственикот на компанијата, кој веќе ја издржува казната.

Најновиот инцидент со запленета муниција отвора нови прашања околу безбедносните стандарди и работењето на превозникот, кој повторно се најде под зголемено внимание на институциите и јавноста.

Loading