Долгите листи на чекање, недостигот од современа медицинска опрема и слабата ефикасност на институциите и натаму остануваат едни од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните во македонското здравство. Тоа го потврдува и најновиот извештај на „Numbeo Health Care Index 2026“, според кој Македонија се наоѓа во долниот дел од европската табела според перцепцијата на граѓаните за квалитетот на здравствениот систем.
Според објавените податоци, државата има индекс од околу 55 поени, што ја позиционира меѓу послабо рангираните европски земји, во друштво на Босна и Херцеговина, Украина и Романија.

Истражувањето се базира на анкети и искуства на граѓани, а ги оценува повеќе клучни сегменти во здравството – квалитетот на медицинскиот кадар, инфраструктурата, брзината на услугите, трошоците за лекување, како и достапноста и довербата во здравствениот систем.
Во регионални рамки, Македонија е подобро рангирана од Србија и Албанија, но заостанува зад Хрватска, Словенија и Грција, кои имаат повисоки оценки од граѓаните за функционирањето на здравствените услуги.
Анализата покажува дека најголемо незадоволство кај македонските граѓани постои во делот на долгото чекање за прегледи и интервенции, како и во недоволната модернизација на болниците и здравствената опрема. Дополнително, ниско е оценета и ефикасноста на институциите во обезбедувањето навремени и квалитетни услуги.

На светско ниво, како земји со најдобро оценет здравствен систем според перцепцијата на граѓаните се издвојуваат Тајван, Јужна Кореја и Холандија, додека на дното на листата се Сирија, Венецуела и Бангладеш.
Извештајот на „Numbeo“ уште еднаш ја отвора дебатата за потребата од посериозни инвестиции и реформи во македонското здравство, особено во делот на дигитализацијата, модерната опрема и подобрувањето на условите за пациентите и медицинскиот персонал.
![]()

