За собите во Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп се обезбедени 10 нови телевизори во соработка со Тутунскиот комбинат АД Прилеп, соопшти градоначалникот Дејан Проданоски по посетата на установата.
Посетата се одржа во рамките на Неделата на грижа за старите лица, под мотото „Сите сме нивни деца“. На средбата се разговарало за секојдневните потреби на корисниците и за можностите за подобрување на условите во домот. Проданоски посочи дека новите телевизори ќе им овозможат на корисниците полесно да се информираат и да го исполнат слободното време.
Општината и раководството на установата работат на планирање на буџетот за 2027 година, со акцент на одржувањето на објектот, подобрувањето на хигиенските услови, обновата на инвентарот во собите и квалитетот на услугите. Проданоски изрази очекување дека во текот на следната година ќе се надминат и кадровските тешкотии, за домот да може да работи со потребниот капацитет.
Градоначалникот нагласи дека установата згрижува лица од повеќе градови во Македонија и дека вложувањата во условите за престој треба да продолжат.
„Луѓето кои со години граделе, работеле и придонесувале за нашето општество заслужуваат внимание, почит и достоинствени услови за живот“, порача Проданоски.
![]()

