ДУИ ЈА ОБВИНИ ВЛЕН ЗА САМОПРОГЛАСУВАЊЕ ФУНКЦИИ

Европскиот фронт, предводен од ДУИ, обвинува дека пратеникот на ВЛЕН, Беким Ќоку, на средбата со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кристоф Камп, на 19 ноември, се претставил како заменик-претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците, иако, според партијата, таква функција сè уште не е пополнета.

Од Европскиот фронт посочуваат дека согласно законските одредби, Комитетот треба да избере претседател и заменик-претседател, но од неговото формирање на 15 мај досега е избран само претседател. Дополнително, наведуваат дека на официјалната веб-страница на Собранието, како и во официјалното собраниско соопштение за средбата, Беким Ќоку е евидентиран како член на Комитетот.

ДУИ отвора и прашање за работата на Комитетот, тврдејќи дека од 4 јуни, кога беше усвоен Законот за правична и соодветна застапеност, телото воопшто не одржало седница.

Европскиот фронт бара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, и од претседателот на Комитетот, Аднан Азизи, да биде исправено собраниското соопштение и ОБСЕ да биде известена за статусот на Ќоку, во рок од 15 дена да се свика седница за избор на заменик-претседател, како и да се покрене постапка согласно Етичкиот кодекс за пратениците.

Од партијата најавуваат дека за случајот ќе го известат и Кабинетот на Високиот комесар на ОБСЕ, како и меѓународните партнери.

„Функциите во Собранието не се стекнуваат со самопрогласување, туку преку избор, согласно законот“, наведуваат од Европскиот фронт, обвинувајќи ја власта дека Комитетот го користи селективно, наместо како функционално тело за заштита на правата на заедниците.

Во продолжение Ви го пренесуваме целосно текстот:

СООПШТЕНИЕ:
„ЗАМЕНИК-ПРЕТСЕДАТЕЛ“ КОЈ НЕ ПОСТОИ ПРЕД ВИСОКИОТ КОМЕСАР НА ОБСЕ. ВЛЕН ГО ПОНИЖУВА УСТАВНИОТ КОМИТЕТ ЗА ОДНОСИ МЕЃУ ЗАЕДНИЦИТЕ

На 19 ноември, на средбата со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кристоф Камп, пратеникот на ВЛЕН, Беким Ќоку, се претстави во својство на заменик-претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците. Таква функција не постои.

Фактите се јасни:

* Законот предвидува Комитетот да избере претседател и заменик-претседател. Од 15 мај до денес е избран само претседател.
* На официјалната веб-страница на Собранието, Беким Ќоку е наведен како член.
* И самото официјално соопштение на Собранието го наведува како „член на Комитетот“.
* Од 4 јуни, кога ВЛЕН го наметна малиот Бадинтер за Законот за правична и соодветна застапеност, Комитетот не е свикан ниту еднаш.

Уставниот комитет за односи меѓу заедниците се свикува само тогаш кога на власта ѝ е потребен неговиот печат или фотографија со некој меѓународен гостин. Функциите во Собранието не се стекнуваат со самопрогласување, ниту со усно делегирање од претседателот. Тие се стекнуваат преку избор, согласно законот.

Европскиот фронт официјално бара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, и од претседателот на Комитетот, Аднан Азизи:

1. Исправка на соопштението и известување на ОБСЕ дека Комитетот нема заменик-претседател;
2. Свикање седница во рок од 15 дена за избор на заменик-претседател, согласно законот;
3. Покренување постапка согласно Етичкиот кодекс за пратениците.

Комитетот е формиран со Охридскиот мировен договор за да ги штити етничките заедници. Не е формиран за да служи како декор на владејачката партија.

Европскиот фронт за фактичката состојба ќе го извести и Кабинетот на Високиот комесар, како и меѓународните партнери.

Loading