СЛАВЕСКИ ЌЕ ОДГОВАРА ИЛИ ЌЕ БИДЕ ЗАШТИТЕН? АЛТА БАНКА ПОВТОРНО ВО СОБРАНИЕТО

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека партијата ќе поднесе интерпелација во Собранието за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради неговата улога во случајот со Алта банка и околностите под кои српската финансиска институција влезе на македонскиот пазар.

Со овој потег, опозициската партија го засилува политичкиот притисок врз гувернерот. Откако претходно беа поднесени кривични пријави против Славески и други раководни лица во Народната банка, СДСМ сега бара и политичка одговорност за нивните постапки.Филипче оцени дека досегашните објаснувања на гувернерот за време на собраниската надзорна расправа не дале убедливи одговори на прашањата поврзани со проверката на инвеститорот, потеклото на капиталот и проценката на ризиците при преземањето на поранешна Стопанска банка АД Битола.Од СДСМ повторно побараа Јавното обвинителство да постапи по поднесените кривични пријави, наведувајќи дека остануваат отворени сериозни дилеми околу начинот на кој бил одобрен влезот на Алта банка во земјава.

Едно од главните прашања што ги поставува Филипче се однесува на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и на тоа како биле проверени неговиот деловен кредибилитет и потеклото на средствата со кои е реализирана инвестицијата. Лидерот на СДСМ се повика на информациите за истраги во Србија, во кои, според неговите тврдења, се отвораат сомнежи за потеклото и реалното постоење на дел од средствата.Дополнително, тој ја оспори и одлуката Мацура да биде именуван за член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола, поставувајќи прашања за критериумите врз основа на кои биле оценувани инвеститорот, сопственичката структура и потенцијалните ризици.

Според Филипче, особено спорно е и прашањето зошто, како што тврди, не биле преземени соодветни мерки во однос на банката, имајќи ги предвид претходните санкции изречени во Европската Унија. Тој оцени дека станува збор за прашања што го засегаат кредибилитетот на Народната банка и стабилноста на финансискиот систем, но и интересите на штедачите и компаниите кои имаат средства во поранешна Стопанска банка Битола.

Покрај одлуките на Народната банка, СДСМ најавува дека ќе бара одговори и за комуникацијата меѓу гувернерот Славески и премиерот Христијан Мицкоски во периодот кога се одлучувало за влезот на Алта банка на македонскиот пазар.Филипче се повика на претходна изјава на гувернерот дека имал консултации со премиерот, па побара појаснување каква била природата на тие разговори и дали претседателот на Владата имал каква било улога во процесот на одлучување. Според него, доколку Народната банка функционира како независна институција, потребно е да се разјасни зошто премиерот бил консултиран и дали имало насоки од извршната власт.

Истовремено, Филипче ги отфрли обвинувањата на Мицкоски дека претходната влада предводена од СДСМ воспоставувала контакти и деловни релации со Алта банка. Тој тврди дека документите на кои се повикувал премиерот не претставуваат доказ за воспоставување деловна соработка, оценувајќи дека остануваат неразјаснети околностите околу влезот на банката во земјава.

Најавата за интерпелацијата доаѓа во пресрет на продолжението на собраниската надзорна расправа закажано за утре, на која повторно треба да се разгледуваат прашањата поврзани со Алта банка. Филипче информираше дека значителен дел од официјално поканетите лица нема да присуствуваат на продолжението, меѓу кои и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.

Со најавената интерпелација, случајот „Алта банка“ добива нова политичка димензија. Прашањата за регулаторните одлуки, независноста на Народната банка и можната комуникација со извршната власт стануваат дел од пошироката политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. Дали интерпелацијата ќе добие поддршка во Собранието и дали продолжението на надзорната расправа ќе донесе конкретни одговори на отворените дилеми, останува да се види.

Loading