СТРАНСКОТО ВЛИЈАНИЕ НЕ СЕ НАМЕТНУВА САМО – НЕКОЈ ГО ПОВИКУВА

„Ни треба помош од вас“, му порача вчера Венко Филипче на евроамбасадорот Михалис Рокас од собраниската говорница. И тамам помисливме дека расправата е за европската интеграција, кога се покажа дека на Македонија ѝ треба уште една адреса за решавање на домашните политички проблеми. Не е доволно Собранието, не се доволни институциите, не се доволни политичките аргументи. Потребен е Рокас!

Само што тука не е најинтересно што Филипче бара помош од евроамбасадорот. Многу поинтересно е што воопшто му паднало на памет дека Рокас треба да биде адресата за таква помош. И уште поважно – зошто мисли дека неговиот збор треба да има посебна тежина во домашната политичка расправа?

https://360stepeni.mk/video-filipche-do-rokas-ni-treba-pomosh-od-vas-da-kazhete-dali-ima-predavstvo-zad-ustavnite-izmeni/

Но, да не го правиме Рокас единствениот виновник. Амбасадорот можеби навистина стекнал впечаток дека неговата улога е многу поширока од дипломатската. А кој му го создаде тој впечаток? Кој му даде простор? Кој го научи дека неговите јавни ставови можат да бидат домашни политички аргументи, дека неговата загриженост може да стане тема на институционални расправи, а неговото мислење да се бара и кога станува збор за прашања што треба да ги решаваат македонските институции?

Зашто, Рокас не си доделил сам политичка тежина. Некоја домашна политичка елита очигледно му ја дава. Некоја елита со години навикната да гледа кон амбасадите кога треба да добие поддршка, потврда или политички ветер во грб. А кога странскиот дипломат ќе почувствува дека неговиот збор е поважен од аргументите на домашните политички актери, тешко дека самиот ќе се сети да ја намали сопствената улога.

Да се потсетиме на март 2025 година, кога Рокас реагираше на интерпелациите на пет членови на Судскиот совет. Изрази загриженост за можноста од мешање во независноста на судството, а во јавните настапи се осврна и на составот, изборот и разрешувањето на членовите на Советот.

https://360stepeni.mk/rokas-se-shto-izgleda-kako-meshane-vo-sudstvoto-i-vo-rabotata-na-sudskiot-sovet-predizvikuva-zagrizhenost-kaj-nas/

Секако, независноста на судството не е спорна. Но, откако еднаш ќе се отвори прашањето за составот и кадровските решенија во домашна институција, сосема легитимно е да се праша каде завршува европската препорака, а каде почнува дипломатското влијание. И уште поважно, кој од домашните политички фактори му дава простор на тоа влијание да стане дел од секојдневната политичка комуникација?

Можеби проблемот не е во тоа што Рокас зборува, туку во тоа што некои едвај чекаат да чујат што ќе каже. Можеби не е проблемот во неговата загриженост, туку во домашната подготвеност таа загриженост да се претвори во политичка насока. Можеби не е проблемот во амбасадорот што ја користи позицијата, туку во политичарите што му ја прошируваат.

И тука Филипче е само најсвежиот пример. Кога лидер на политичка партија од собраниска говорница бара помош од странски дипломат за да ја поткрепи својата теза, тогаш самиот придонесува за создавање слика дека домашната политичка дебата има потреба од надворешен арбитер. Денес е прашањето за уставните измени, утре може да биде некое кадровско решение, задутре составот на некоја институција. А Рокас, наместо да биде дипломатски соговорник, постепено се претвора во адреса од која се очекува политичка потврда.

И затоа прашањето не е само: што го замислувате Рокас? Прашањето е: што му дозволувате да замисли дека е?

Европската Унија има право да бара реформи, да оценува резултати и да предупредува на отстапувања од европските стандарди. Но, нејзиниот амбасадор не е избран од македонските граѓани, не одговара пред македонското Собрание и нема мандат да биде дополнителен политички центар во државата. За тоа постојат домашни институции, со сите нивни надлежности и одговорности.

Македонија не е протекторат. Но, протекторатскиот однос не се создава само кога некој однадвор ќе се обиде да наметне влијание. Се создава и кога домашните политички елити доброволно му го отвораат просторот, кога странскиот амбасадор го повикуваат да решава нивни политички дилеми и кога неговата изјава им станува поважна од сопствената одговорност пред граѓаните.

Затоа, можеби треба да престанеме да се чудиме на Рокас и да почнеме да ги прашуваме оние што му ја даваат таа позиција. Кој го повикува? Кој го охрабрува? Кој има интерес неговиот збор да тежи повеќе од зборот на домашните институции?

Зашто, амбасадорот може да ја претставува Европа. Но, некој овде очигледно се труди да го направи и нешто повеќе.

Рокас е амбасадор. Прашањето е кој во Македонија му ја доделува улогата на политички арбитар?

Loading