ЕУ ви отвори рани на душата и ви ја гази националната гордост

Огромна историска грешка на ЕУ е што сè уште не ги почнала преговорите за членство со Македонија, а таа грешка сега е дигната на квадрат со одвојувањето на Албанија во евроинтеграцискиот процес, за што јас не гледам никакви причини, рече денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски по меѓувладината седница во Охрид.

Народите и државите во Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од тоа што го добиваат од Брисел и требаше одамна да се членки на ЕУ. Македонија е кандидат од 2005 година, почна заедно со Хрватска, во 2008 година заедно со Хрватска добија позитивно мислење, сега Хрватска е членка, а со Македонија преговорите не се почнати. Ова е огромна историска грешка на ЕУ и ова ќе биде огромен предизвик за македонската влада – рече премиерот Орбан.

Тој најави дека Унгарија е подготвена да биде посредник во македонско-бугарските разговори доколку двете држави се согласат со тоа.

Придржувањето на Македонија е условено со тоа на некој начин да се спогодат со Бугарија. Му го пренесов предлогот на премиерот Мицкоски дека ние сме подготвени како претседателство да посредуваме, а дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник – ќе видиме. Ние сме посветени да најдеме решение кое им одговара и на Македонија и на Бугарија. Тоа треба да го решат страните кои се во судир, а ние сме подготвени да помогнеме – рече Орбан.

Тешко е да се разбере, додаде тој, тоа што една нација ја залажуваат со започнување на преговорите за членство во ЕУ, при што напредуваат сите држави со кои заедно започнале, нив ги држат во заднина.

Националната гордост е најважна и ЕУ мора тоа да го има предвид. Ова што се случува со Македонија е повредување на националната гордост на граѓаните што 10 години постојано се случува. Вие одамна требаше да сте членки, а овој однос на ЕУ прави рани на душата. Ние треба да градиме пријателства, а не да задаваме рани на душата на една нација. Голема грешка е што не сте членка, а вас сега ве одвојуваат од Албанија. Единственото решение го гледам во тоа дека вие до крајот на годината мора да почнете со преговорите – рече Орбан.

Мора да ги почнете преговорите до крајот на оваа година
Најважната тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ, а Унгарија е претседавач со ЕУ и логично е дека за тоа најмногу зборувавме, додаде премиерот Орбан.

Ставот на Унгарија е познат, многу е важна стабилноста на Западен Балкан и зачленувањето во ЕУ. Зачленувањето е огромна можност и за сите држави-членки и сите добиваме многу, но ЕУ ја загуби својата динамика. Ние мора да го обезбедиме проширувањето. Не го одминуваме и фактот дека Украина и Молдавија добија вонредно забрзани постапки за зачленување, мора да го земеме предвид геополитичкиот фактор, но не е лесно што други земји кои со години се посветени се оставени на страна. Многу е важно да се одржи проширувањето на дневниот ред на ЕУ и да се забрза. Подготвени сме да правиме меѓувладини конференции – рече Орбан.