Кои патишта се затворени поради снежните врнежи?

Поради снег и снежни врнежи активни забрани за тешки товарни возила има на патните правци Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар-Стража-Кичево, Пресека, Плетвар, Ѓавато, Струга – г.п. Ќафасан, Струмица – Берово и Тетово – Попова Шапка, за каде се нагласува дека за останатите видови на возила е задолжителна употреба на зимска опрема.

Целосна забрана за сообраќај има на патниот правец А1 Демир Капија – Смоквица кој е во целосен прекин и сообраќајот се пренасочува по алтернативниот патен правец Р1102.

Камион што се излизгал а потоа и се извртел на автопатот „Пријателство“, на делницата од Демир Капија до Смоквица, целосно го прекина сообраќајот на овој патен правец од 15:50 часот, а возилата се пренасочуваат по стариот пат.

Веста за МИА ја потврди Виктор Паласкаров, раководител на Секција Гевгелија при ЈП „Македонија пат“.

Соред него, сообраќајот е прекинат кај местото Јаворица во близина на тунелите кај Демир Капија и надлежните органи преземаат мерки за извлекување на извртениот камион, а дотогаш сообраќајот ќе се одвива по стариот пат.

Инаку, сообраќајот на овој патен правец во обратна насока од Смоквица кон Демир Капија се одвива без проблеми во зимски услови, а „Македонија пат“ со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата во овој дел на државата.

АМСМ вечерва информира дека укинати се забраните за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци Деве Баир – Крива Паланка, Делчево – г.п. Делчево и Македонски Брод – Прилеп, преку планинскиот превој Барбарос.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег по интервенција од страна на екипите на ЈП Македонијапат, од каде информираат дека врнежи од слаб снег се бележат во Гостивар и Дебар.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Возачите се потсетуваат за задолжителното поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

Loading