АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ – АМИГО! Брнабиќ пет пари не дава што цела Европа го бојкотира Мадуро

Претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ, ја заврши дводневната посета на Венецуела, каде што отпатува за да присуствува на инаугурацијата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Србија, земја кандидат за ЕУ, беше единствената европска земја, освен Русија и Белорусија, која присуствуваше на инаугурацијата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, која беше бојкотирана од огромното мнозинство на меѓународната заедница.

На инаугурацијата на Мадуро присуствуваше и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, како личен пратеник на претседателот Александар Вучиќ.

Мадуро беше обвинет за изборна измама во Венецуела, а неговиот реизбор беше силно оспоруван од САД и ЕУ, кои одбија да ги признаат резултатите.

Брнабиќ истакна дека последните два дена се од исклучително значење за билатералните односи меѓу Србија и Венецуела, како и за односите на Србија со многу земји од Латинска Америка и Карибите.

Претседателката на Собранието сподели и анегдота од Каракас, кога на улица и пришол војник и ѝ посочил дека српскиот претседател Александар Вучиќ им е пријател.

„Овој настан од Венецуела ќе ми остане во срцето. Вчера додека стоевме на улица ни пријде војник и не препозна. Само ни рече: Александар Вучиќ – амиго! Тоа е емоцијата од Венецуела што ја носам во Србија.Затоа сум горда и среќна што бев во оваа посета како специјален пратеник на претседателот Вучиќ, за да покажаме дека не ги забораваме нашите пријатели и дека иако некои не критикуваат поради тоа, Србија има самостојна и независна политика во интерес на нашиот народ и на сите наши граѓани“, рече Брнабиќ.

Брнабиќ се сретна и со венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Loading