Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски се очекува да биде усвоен на денешната владина седница. Како што соопшти вчера премиерот Христијан Мицкоски, постапката може да трае неколку недели или месеци, согласно законот.
Одговарајќи на новинарски прашања на вчерашната прес-конференција, за тоа дали на денешната владина седница ќе се разгледа и прифати предлогот за разрешувањето на Коцевски, појасни дека Владата не може да го разреши, туку може само да ја отпочне постапката.
– Апсолутно не можеме ние како Влада да го разрешиме, туку можеме да ја отпочнеме постапката. Како што имам информација треба да се испрати дописот до Советот на јавни обвинители, па таму во рок од 15 дена да чекаме мислење. Оваа процедура ќе потрае, нема да заврши инстант брзо. Таков е законот – рече Мицкоски.
Државниот јавен обвинител, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него. Тој изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
![]()

