Итен апел на „Студентите во блокада“ пред денешниот голем протест во Белград

Студенти и граѓани од рано утро пристигнуваат во Белград на протестот што го организираат студентите „15 за 15“ , пешачат, додека возачите ги поздравуваат со свирките од автомобилите, а се слушаат и сирени. Голем број меѓуградски автобуски линии кон главниот град се откажани.

Студентите објавија правила за однесување пред големиот студентски протест што денеска се одржува во Белград.

„Овој протест е израз на нашата борба за правда, солидарност и иднината што заедно ја градиме. Затоа е важно сите да ги почитуваме основните принципи што нè водат од самиот почеток. Најстрого го осудуваме секој облик на насилство.

Од првиот ден се бориме против репресијата и неправдата кои очигледно се спроведуваат преку овој систем. Не сакаме ничие постапување да го загрози она што досега сме го постигнале. Три месеци ја градевме оваа борба со солидарност, посветеност, љубов и труд“, се наведува во соопштението кое беше објавено по полноќ.

Тие апелираат до граѓаните да не ја доведуваат во прашање нивната борба со непромислени потези.

„Целта на овој протест не е насилен влез во ниту една институција, ниту напад врз неистомислениците. Не сакаме да дозволиме кој било чин да го одвлече вниманието од суштината на нашата борба и да го доведе во прашање сето она за што се залагаме.

Ова движење не смее да биде злоупотребено. Мораме да останеме достоинствени и да покажеме дека сме одговорни, дека ја разбираме тежината на моментот и дека сме свесни за последиците од нашите постапки“, истакнуваат во соопштението „Студенти во блокада“.

Тие нагласуваат дека се против било каков вандализам.

„Не сакаме некој да расчистува зад нас и да поправа. Нашата борба не е борба на рушење, туку борба на создавање. Нема да дозволиме нашите протести да бидат обележани со инциденти, туку исклучиво со нашата решителност и заедничка визија за подобро општество.

Затоа ве повикуваме сите – да бидеме обединети, да бидеме одговорни. Да нè водат разумот, емпатијата и заедништвото. Се бориме за промени што ќе донесат подобро утре, но тоа можеме да го постигнеме само ако се држиме до нашите принципи и ако ја покажеме силата на достоинството и солидарноста. Да се движиме заедно, гласно и одлучно, но мирно и одговорно. Ова е наша борба, ова е наша иднина и ја градиме сите заедно“, се заклучува во соопштението на студентите.

Loading