Невиденa побарувачка во Хрватска за сезонски работници: Плата над 2.000 евра плус бонуси

Туристичкиот сектор на Јадранот во Хрватска се соочува со потрага по работна сила во пресрет на уште една претстојна сезона.

За успешно одвивање на туристичката сезона, на Хрватска ѝ се потребни околу 75.000 сезонски работници, а меѓу нив секоја година значителен број доаѓаат од Македонија. Оваа година, изгледа дека сезонските работници ќе имаат можност да избираат под кои услови ќе работат.

Иако има голем број странски работници, специфичен проблем претставуваат огласите за работни места во кујните што подготвуваат традиционална хрватска храна, пренесува хрвастки Дневник. Платите за ваквите работни позиции надминуваат 2.000 евра.

„Освен што мораме соодветно да ги наградиме, важно е да имаме и исклучително добар однос и комуникација со нив. Најголемиот предизвик е што сезоната трае само четири до пет месеци, па тешко е да се најдат соодветни и квалитетни работници во толку краток рок“, истакнува Стјепан Слишковиќ, претседател на Здружението на занаетчии од Макарска ривиера.

Матко Бранковиќ од хотелски синџир на Макарска ривиера нагласува дека нудат бројни поволности за своите вработени, вклучувајќи обуки, награди, бонуси, сместување и топли оброци.

Исто така, постои голема побарувачка за лица кои би чистеле апартмани, а за оваа работа плата по час веќе изнесува 25 евра, со тенденција да се зголеми. Само минатата година, според податоците на Дневник.хр, биле издадени 12 000 работни дозволи за странски работници на позицијата чистач/чистачка.

Loading