На светиот и велики четврток, светите Отци, коишто добро го уредија превземеното од светите Апостоли, од светите и божествени Евангелија, ни предадоа денес да празнуваме четири настани: светото миење на нозете на учениците, Тајната Вечера , чудесната молитва и самото издавање.
Бидејќи јудејската пасха мораше да биде направена во петок, а бидејќи приличеше вистината да биде во согласност со праобразот, т.е. тогаш и Христос да биде принесен како Пасха за нас, Господ Исус Христос, по зборовите на светите Отци, ја направи Пасхата со учениците пред тоа, во четвртокот навечер. Таа вечер, и целиот петок Јудејците ја сметаат како еден ден. Тоа го направи за да не биде престапник на законот. Потоа покажувајќи им го на учениците направеното, им ја предаде тајната и на нашата Пасха, во големата горна одаја, кога веќе беше настапила ноќта. Гледате дека тоа не беше законска пасха: тука се седи, тука има вечера, леб и вода, а таму сè е печено на оган и бесквасно.
Како што велат стиховите на Тајната Вечера: Двојна вечера се поставува: Пасха законита, и Пасха нова – Крвта и Телото Господови. На Велики Четврток, Господ Исус Христос ја востанови светата Тајна Причест, со зборовите: „Земете, јадете, ова е Моето Тело“ и „Пијте од неа сите, ова е Крвта Моја на Новиот Завет, која за вас и за мнозина се излева, за отпуштање на гревовите“ (Мт. 26:26-28). Овие зборови можат да се слушнат на секоја Света Литургија, чијшто централен дел е Светата Причест.
![]()

