Вучиќ ја прекина посетата на САД, опозицијата тврди дека зад тоа се крие фијаско, власта ја обвинува за нечовечност.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес беше примен на Военомедицинската академија (ВМА), откако беше објавено дека ја прекинува посетата на САД поради ненадејно влошување на здравствената состојба, објавија белградските медиуми.
Според информациите на агенцијата Танјуг, Вучиќ се почувствувал лошо на Флорида во петокот, додека се подготвувал за состаноци. Во тој момент со него во собата биле советничката за медиуми Сузана Васиљевиќ и министерот за финансии Синиша Мали.
Вучиќ претходно најави дека очекува средби со високи републикански функционери, вклучувајќи го и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Меѓутоа, единствените официјални средби за кои ја извести јавноста преку Инстаграм беа со поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани, конгресменката Клаудија Тени и Род Благојевиќ, поранешен гувернер на Илиноис со српско потекло.
Од неговиот кабинет најавија дека јавноста во наредните денови ќе биде информирана за неговата здравствена состојба.
Вучиќ претходно најави и дека на 9 мај ќе престојува во Москва, каде што планира да присуствува на парадата по повод Денот на победата над фашизмот и да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за нов гасен аранжман за Србија и за решавање на статусот на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е под санкции поради мнозинското руско сопствеништво.
Опозицијата: „Фијаско прикриено со болничко алиби“
Од редовите на опозицијата стигнаа остри реакции по повод ненадејното враќање на Вучиќ во Србија. Лидерот на партијата Србија Центар, Здравко Понош, изјави дека Вучиќ „чекал да му ја бакне раката на Трамп, а на крајот бакнал врата“.

Борко Стефановиќ, заменик-претседател на Странка слобода и правде, изрази сомнеж дека Вучиќ навистина се разболел во Мајами, оценувајќи дека здравствената состојба била искористена како изговор за прикривање на целосниот неуспех на посетата.
„Приватниот излет на Вучиќ во Мајами доживеа целосен фијаско, а стотици илјади евра се потрошени на лет со новиот авион ‘Фалкон’, купен за повеќе од 50 милиони евра народни пари“, изјави Стефановиќ.
Тој додаде дека на претседателот „не му било препорачано болничко лекување, туку прочуената терапија – десетчасовен лет назад за Србија“, и тврди дека Вучиќ во САД „не сретнал никој релевантен“, и покрај милионите долари потрошени на лобистички агенции.
Брнабиќ: „Го мразите затоа што не му сте ни до колена“
На овие критики остро реагираше претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, позната сојузничка на Александар Вучиќ. На социјалната мрежа Икс порача дека омразата на опозицијата кон Вучиќ е токму затоа што „не му се ни до колена“.

„Го мразите затоа што покажа како се сака Србија и како се живее за неа. И колку може да биде успешна кога ја водат луѓе, а не членковидни црви какви што сте вие“, напиша Брнабиќ.
![]()

