Поранешен дипломат тврди: Шефицата на кабинетот на Трамп му забранила на Вучиќ влез во Мар а Лаго

Американската шефица на кабинет на претседателот Доналд Трамп му забранила на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да влезе во приватниот клуб Mar-a-Lago на Флорида, и покрај тоа што тој го платил престојот таму, изјави поранешниот југословенски и српски дипломат Небојша Вујовиќ за телевизијата N1 Белград, по повод ненадејното враќање на Вучиќ од САД во Србија.

„Трамп има поважна индивидуална партија шах со Путин (Зеленски за него е веќе ‘завршена приказна’), отколку Вучиќ да ги решава своите внатрешни проблеми со фотографија со Трамп. Преку тој прием на Флорида сакаше да го ублажи притисокот од Европа и да подготви пат кон Москва. Се обиде да се постави помеѓу Трамп и Путин, одземајќи му на Трамп ексклузивитет и улога на посредник со Европа“, вели Вујовиќ.

Според Вујовиќ, со ваквиот потег Вучиќ ја нарушил својата позиција и во Вашингтон и во Москва.

„Со овој потег си нанесе повеќе штета отколку што му нанесоа студентите. Но, токму тие го наведоа на ирационално однесување, со што самиот си направи политичка штета. Му ги погодија чувствителните точки и му даваа ‘патокази’ како да влегува од грешка во грешка. Сакаше брзо да се пресмета со академската заедница и да ги задуши протестите, а постигна спротивен ефект. Дури и оние што досега го спасуваа од свои интереси – пред сè Брисел, Париз и Берлин – сега се принудени да му ги врзат рацете“, додаде Вујовиќ.

Тој оцени и дека Трамп во вториот мандат е „помудар“ отколку во првиот, иако не е безгрешен.

„Не е тој наивен како што многумина во Америка и Европа мислат. Не дојде случајно на власт – мнозинството Американци му дадоа поддршка. Секако, прави грешки, но ги исполнува ветувањата од кампањата. За Путин ќе биде поопасен отколку Макрон и сличните, не треба да се потцени. А Вучиќ се улови сам како наивец“, заклучи Вујовиќ.

Прорежимските медиуми кои го следеа Вучиќ на Флорида објавија дека тој се вратил во Србија откако му се слошило во попладневните часови по американско време. Од неговиот кабинет сè уште нема официјално соопштение за неговата здравствена состојба.

Некои опозициски политичари ја доведоа во прашање официјалната верзија за враќањето.

Опозицијата пак, смета дека приватната посета на Вучиќ на Мајами завршила како „целосен фијаско“. Лидерот на партијата Србија Центар, Здравко Понош, коментираше дека Вучиќ „бакна врата, додека чекаше да ја бакне раката на Трамп“.

Loading