Студентите одговараат на обраќањето на Вучиќ со сурова порака (Видео)

Хаосот што деновиве ја тресе Србија не стивнува, а обраќањата на претседателот Александар Вучиќ сè повеќе добиваат одговори од граѓаните, овојпат преку моќен видео-пост од профилот „Студенти у блокади“, објавен непосредно по неговиот говор.

Видеото, кое експресно се прошири на социјалните мрежи, го користи гласот на актерката Џенифер Лоренс од филмот „Игри на гладта“, поставен врз снимки од протестите низ Србија. Пораката е јасна и метафорична: „Можеш да нè мачиш, да нè бомбардираш и да ја спалиш нашата област до темел, но го гледаш ли ова? Огнот се шири! А ако ние гориме, гориш и ти со нас!“

Протестот добива дополнително емотивен слој со песната на Адел „Skyfall“, додека на екранот се редат сцени од демонстранти на плоштадот Славија, каде што илјадници граѓани и студенти изразуваат незадоволство од актуелната власт.

Овој креативен чин на отпор наиде на силен одѕив во јавноста, а според дел од реакциите на мрежите, станува збор за „уметнички политички крик“ кој го допира секое срце.

Во време кога институциите се чини се глуви за гласот на улицата, уметноста и поп-културните симболи стануваат нов начин на политички израз  и орудие за потсетување дека незадоволството не може да се игнорира.

Пораката што останува е силна и универзална: „Face it all, together…“, односно, време е за соочување, заедно.

Loading