Со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“, Европскиот парламент денеска го усвои Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 и 2024 година. Но, една од најконтроверзните одлуки и најгласно коментирана во македонската јавност е отстранувањето на формулацијата „македонски јазик и идентитет“ од документот.
Оваа формулација беше избришана со усвојување на неколку амандмани поднесени од европратеници од Европската народна партија (ЕПП), социјалдемократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ). Амандманите добија широка поддршка на пленарната седница и предизвикаа загриженост за начините на кои се третираат прашањата за националниот идентитет на Македонија во европските институции.
Покрај ова, во извештајот се вметнаа и амандмани со кои се изразува загриженост за улогата на унгарската и српската влада во реализирањето на геополитичките цели на Кина и Русија што дополнително ја истакна политичката тежина на документот.
Авторот на извештајот, австрискиот европратеник Томас Вајц, доби поддршка од 421 пратеник. Иако беше поздравена оценката за напредокот на Македонија во реформскиот процес, контроверзиите околу прашањата за идентитетот фрлија сенка врз целокупниот процес.
Одбиени беа вкупно 17 амандмани, вклучувајќи ги и оние предложени од бугарски и грчки европратеници, кои бараа дополнителни ограничувања во користењето на терминот „македонски“, заменувајќи го со – „на Северна Македонија“, повикувајќи се на формулации дозволени со Преспанскиот договор.
Гласањето во Брисел потврди дека идентитетските прашања и натаму остануваат отворено политичко поле во односите меѓу Македонија и Европската унија, и покрај формалниот напредок во процесот на пристапување.
![]()

