Почнува судскиот процес за случајот „Онкологија“, Васев и тројца доктори на обвинителна клупа, семејствата на жртвите очекуваат високи казни

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска започнува главната расправа за еден од најтрагичните и најпотресни случаи во македонското здравство, случајот „Онкологија“. На обвинителна клупа седнуваат поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и тројца онколози, обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на пациенти со малигни заболувања.

Според обвинителниот акт, Васев, заедно со еден од лекарите, е осомничен дека во повеќе наврати применувал неподобни и небезбедни терапии, со погрешно дозирање и неосновано користење на имунотерапија, што кај најмалку 29 пациенти довело до влошување на здравствената состојба, па дури и до смрт. Медицинските експертизи, заради непристрасност, беа спроведени во Србија и Словенија и открија систематски отстапки од стандардите на лекување.

Во паралелно обвинение, Јавното обвинителство го товари Васев и за економски злоупотреби поврзани со работењето на Клиниката. Во периодот 2018–2022 година, преку нелегални набавки, фиктивни раздолжувања и сомнителни исплати, буџетот бил оштетен за над 2,2 милијарди денари, а фирми-добавувачи прибавиле незаконска корист од околу 430 милиони денари. Според обвинителството, Васев лично стекнал недозволена имотна корист од најмалку 13 милиони денари.

Семејствата на починатите пациенти речиси две години ја бараат правдата. Велат дека болката им е немерлива, но дека ова судење е единствената шанса да се открие вистината.

Истрагата, затворена на 22 мај оваа година, опфатила 65 медицински истории, а кај висок процент од нив биле откриени сериозни отстапки од онколошките протоколи. Случајот „Онкологија“ беше отворен по низа истражувачки стории и ревизорски извештај кој ја откри длабочината на хаосот на Клиниката. Судскиот процес што започнува денес се гледа како тест за правдата и одговорноста во македонското здравство. Семејствата на жртвите, јавноста и медицинската фела бараат одговори и казни што ќе пратат јасна порака дека човечкиот живот не е бројка во системот.

Loading