СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО „ИДРИЗОВО“: РАБОТАТА Е ВИСТИНСКИОТ ПАТ ДО РЕСОЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ЗАТВОРЕНИЦИТЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница во женското одделение на Казнено-поправната установа „Идризово“, каде што затвореничките преку работа и стекнување вештини се подготвуваат за живот по издржувањето на казната.
Заедно со директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, таа се запозна со моделот на ресоцијализација кој се спроведува во затворот, а кој има за цел затворениците да станат корисни членови на општеството преку учење занает и активно учество во работниот процес.
Пандов истакна дека работата е најдобрата форма на ресоцијализација, бидејќи им обезбедува на осудениците можност чесно да заработуваат по излегувањето од затвор и да не се враќаат на криминалот. Тој нагласи дека визијата е затворите да функционираат како економски единици кои ќе создаваат приход – не само за самите установи, туку и за целиот затворски систем и државата.

Во рамки на реформите, веќе е започнато производство на јајца и изградена е фарма – нешто што досега не постоело во системот. Со втората фаза од реконструкцијата на „Идризово“, која е планирана за следната година, предвидена е изградба на објекти за столарија и металургија, како и самостојно производство на облека за затворениците, униформи за затворската полиција и постелнини.
„Целта на кривичната санкција не е само издржување на казната, туку активна подготовка за животот по затворот. Ќе направиме сè затворите сами да го произведуваат она што им е потребно“, нагласи Пандов.
Претседателката Сиљановска-Давкова, по разговорот со затвореничките, оцени дека работата кај нив го разбудила креативниот потенцијал и желбата за промена. Таа ги разгледа нивните рачни изработки – торби, марами и несесери, кои се продаваат надвор од затворот под брендот „Везење надеж зад решетки“.
„Ова е вистински модел на ресоцијализација. Секој човек заслужува втора шанса, дури и кога ќе згреши“, порача претседателката, додавајќи дека лично купила неколку креации како потсетник дека мора постојано да се работи на подобрување на условите за затвореничките.
![]()

