Премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон опозициската СДСМ, обвинувајќи ја дека со своите политички позиции повеќе се обидува да стекне наклонетост кај бугарската јавност отколку кај граѓаните во државата.
Во изјава за медиумите, Мицкоски ги отфрли обвинувањата дека актуелната власт го кочи евроинтеграцискиот процес, нагласувајќи дека ваквите ставови се дел од, како што рече, препознатлива реторика на опозицијата. Според него, СДСМ продолжува со политики кои не ги штитат националните интереси, туку се ориентирани кон надворешни политички центри.
„Не гледам како ние сме го блокирале европскиот пат. Тоа е веќе позната реторика од СДСМ – политики кои покажуваат слабост кога станува збор за заштита на македонскиот идентитет“, изјави премиерот.

Тој посочи дека не сака да се меша во изборните процеси во соседните земји, но истакна дека однесувањето на опозицијата остава впечаток дека таа активно се позиционира во политичките случувања во Бугарија.
„Се создава слика дека СДСМ делува како дел од политичките структури кои учествуваат на изборите кај нашиот источен сосед“, додаде Мицкоски.
Премиерот смета дека ваквиот пристап не носи напредок во процесот на европска интеграција, туку напротив – создава дополнителни политички тензии и недоверба кај јавноста.
„Наместо да работат за поддршка од македонските граѓани, тие повеќе се насочени кон тоа да им се допаднат на бугарските политичари. Тоа, според мене, не е вистинскиот пат кон Европа“, нагласи тој.
Воедно, Мицкоски изрази уверување дека граѓаните ќе дадат јасна оценка за ваквите политики на следните избори, додавајќи дека очекува значително намалување на влијанието на СДСМ на политичката сцена.
![]()

