Војната во Украина влезе во 1663. ден. Територијалното прашање и натаму е најголемата пречка за постигнување мировен договор, изјави Џаред Кушнер, советник и зет на американскиот претседател.
Според Кушнер, доколку Киев се согласи на повлекување до линијата во Донбас, повеќето од останатите елементи на мировниот договор би биле усогласени. Сепак, украинската страна засега не сака да го прифати овој услов.
Во руските напади ширум Украина загинаа осум цивили, додека повеќе десетици лица беа повредени. Руските сили извршија ракетни напади и напади со беспилотни летала врз Одеса, Криви Рог, Днипро, Запорожје, Краматорск, Харков, Луцк и Фастив. Во нападите биле оштетени станбени, енергетски и индустриски објекти.
Едно лице загина, а 14 беа повредени, меѓу кои и четири деца, во напади со беспилотни летала врз Белгородската област.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да присуствува на самитот на Г20 во Мајами и да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, доколку Соединетите Американски Држави го поканат рускиот лидер на форумот.
Зеленски нагласи дека не е најважно што точно ќе му каже на Путин, ниту што Путин ќе му каже нему, туку дека единствено е важен резултатот од средбата.
Од Кремљ порачаа дека, доколку Зеленски сака да се сретне со Путин, може да дојде во Москва и дека поканата останува отворена.
Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, оцени дека поканата упатена до украинскиот претседател претставува „огромен гест на добра волја од страна на Русија“.
Украина најави нова рунда мировни преговори во октомври. Кирил Буданов, шеф на кабинетот на украинскиот претседател, не ја прецизираше можната локација на разговорите, но порача дека Киев се подготвува за продолжување на преговорите.
И Лавров соопшти дека Русија е подготвена за преговори. Сепак, тој потврди дека руската воена операција нема да биде прекината додека траат разговорите.
![]()

