Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за време на престојот во Париз, во разговорите со европски и светски лидери, добил поинакви сигнали за пресудата на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, која треба да биде изречена на 16 септември.
Одговарајќи на новинарско прашање каква пресуда очекува и дали таа би можела да биде ослободителна, Вучиќ рече дека сè уште не знае каква ќе биде конечната одлука.
„Во меѓувреме слушнав дека е можно да добие и тешка казна, но да почекаме. Би сакал моите првични предвидувања да не беа точни и овие нови информации што ги добив да бидат поверодостојни, но, искрено, не верувам во тоа. Уште пред 15 дена добив информација дека ќе биде осуден на казна колку што е потребно за да се покрие времето поминато во притвор“, изјави Вучиќ.

Тој додаде дека првата информација ја добил од српските безбедносни служби.
Осврнувајќи се на таканаречените „маршеви на слободата“, кои се одржуваат во Приштина, Скопје, Тирана и Хаг како поддршка за поранешните лидери на ОВК, Вучиќ оцени дека не станува збор за „длабок сон“ на меѓународната заедница.
„Имавте важна објава од БРИКС, кој соопшти дека е подготвен да помогне во решавањето на проблемот на Косово и Метохија. Тоа е важно, особено кога ќе погледнете колкав дел од светското население го претставува БРИКС“, рече српскиот претседател.
Вучиќ нагласи дека Србија се наоѓа на европскиот пат, дека досега соработувала со Европа по ова прашање и дека ќе продолжи да го прави тоа.
„Дали навистина очекувате најмоќните европски земји, кои одамна го признаа Косово, да направат нешто за да ја разберат позицијата на Србија? Зошто би го направиле тоа? За нив единствената прифатлива позиција е Србија да се усогласи со нивните ставови. Тие се премногу големи и силни, а ние сме премногу мали. Истото важи и за Америка“, изјави Вучиќ.
![]()

