ЕДНА ИСКРА, ЦЕЛ РЕГИОН ВО ТЕНЗИЈА: ОСТРО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД МИЦКОСКИ

Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека растечките тензии и подбуцнувачката реторика на Западен Балкан можат повторно да ги отворат болните прашања од деведесеттите години. По состанокот на регионалните лидери со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, во Њујорк, тој оцени дека атмосферата била загрижувачка.
Мицкоски ги посочи реакциите по погребот на Ратко Младиќ и несогласувањата меѓу Белград и Приштина поврзани со нападот во Бањска како примери за тензии што и натаму го оптоваруваат регионот.


„Ме загрижува фактот што навидум една работа може да го запали целиот регион и да предизвика сериозни тензии што можат да прераснат во конфликт. Со ваква подбуцнувачка реторика ние не можеме да ја градиме иднината онака како што посакуваме“, порача премиерот.
Според него, Европската Унија треба да одговори со конкретни резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат. Тој побара побрзо решавање на проблемите на транспортерите од Западен Балкан и исполнување на ветувањето за укинување на трошоците за роаминг при користење мобилни услуги во ЕУ.
Мицкоски оцени дека видливите економски придобивки можат да ја зајакнат довербата во европскиот процес и да ја намалат фрустрацијата во регионот. Тој нагласи дека Македонија одржува добра комуникација со соседите и дека поуките од минатото треба да водат кон соработка, а не кон нови поделби.

Loading