Македонија е подготвена за разговори и решение со Бугарија, но нема да прифати европската интеграција да се претвори во бесконечна низа отстапки и нови условувања. Ова е пораката што премиерот Христијан Мицкоски ја испрати во интервјуто за ТВ21, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи со реформите, а од Софија очекува партнерски пристап.
За премиерот, суштинското прашање не е само како да се направи следниот чекор кон ЕУ, туку дали по него постои предвидлив пат до членство. Неговата позиција е дека Македонија треба да напредува според исполнетите критериуми, со заштитени државни интереси и без опасност секоја наредна фаза да донесе нов билатерален спор.
Иако средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со бугарската страна не донела позитивни сигнали за конкретно приближување на позициите, Мицкоски не ја исклучува можноста за договор. Според него, исходот ќе зависи од тоа дали Софија ќе пристапи кон Македонија како кон иден европски партнер или ќе продолжи да ја користи предноста што ја има како членка на Унијата.
– Доколку имаме партнерски однос, можно е. Доколку немаме партнерски однос, односно доколку продолжат со булингот, со позицијата „ние сме внатре, вие сте надвор“, тогаш нема договор – порача Мицкоски.
Тој смета дека европската перспектива тешко може да се придвижи доколку од соседната држава постојано се бара да разрешува историски несогласувања. Различните толкувања на настани од пред повеќе векови, според премиерот, не треба да бидат пречка за напредокот заснован врз реформи и европски стандарди.
Мицкоски објасни дека иницијативата за средбата со бугарската страна следувала по разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која препорачала двете земји да воспостават непосреден дијалог за отворените прашања. Потоа, по негово барање, Муцунски упатил дипломатска нота со иницијатива за средба.
Иако очекувал претежно формален контакт, премиерот оцени дека разговорите сепак добиле посуштинска форма. Како значајно го посочи и присуството на еврокомесарката за проширување Марта Кос на прес-конференцијата по средбата. Неговото очекување е започнатиот дијалог да продолжи.

Сепак, Мицкоски предупреди дека исполнувањето на едно барање не е гаранција дека во следната фаза нема да се појави друго. Во тој контекст го посочи Акцискиот план за малцинствата, поврзан со патоказот за владеење на правото.
Според неговите наводи, документот бил изработен со експертска поддршка и по јавни дебати, на препорака од Брисел. Тој рече дека, според информациите со кои располага, 26 земји членки немале забелешки, додека една имала, алудирајќи на Бугарија.
За премиерот, овој пример покажува дека и евентуалните уставни измени не би ги отстраниле автоматски сите пречки. Напротив, оцени дека земјата повторно би можела да се соочи со документ за кој е потребно дополнително усогласување со Софија.
Неговата загриженост се однесува и на подоцнежните фази од преговорите, при отворањето и затворањето на поглавјата. Според него, мора да се намали ризикот билатералните несогласувања да се претвораат во нови блокади, дури и кога Македонија ги исполнува обврските поврзани со реформите.
Во интервјуто, Мицкоски упати остри критики кон претходната влада на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ја дека прифатила обврски што немала можност да ги исполни, без притоа да обезбеди јасна перспектива за завршување на процесот.
Според неговата оценка, ветувањата дадени пред европските претставници создале очекувања дека предложениот пристап ќе овозможи напредок. Тој ги поврза и измените на кривичното законодавство со обиди за создавање политички притисок за прифаќање на таквиот пат.
Мицкоски нагласи дека ја разбира позицијата на европските институции, кои се повикуваат на веќе донесените одлуки и преземените обврски. Сепак, смета дека токму разговорите со Бугарија треба да понудат одговор како процесот да добие предвидливост.
– Тоа Владата во Скопје не го прифати и сè додека сум јас таму нема да го прифати без да имам јасен крај на овој процес – изјави премиерот.
Во однос на прашањето што ќе прави Владата доколку не дојде до промена на бугарската позиција, Мицкоски рече дека земјата веќе ги спроведува обврските што зависат од домашните институции.
Тој наведе дека во извештајните периоди од декември 2025 и јуни 2026 година Македонија остварила значителни резултати во Реформската агенда. Според неговите тврдења, земјата имала најголем број реализирани реформи и најголем обем искористени средства од Планот за раст.
Како поткрепа за оценката дека реформите се препознаени во Брисел, премиерот се повика на позитивните пораки од Фон дер Лајен при нејзината посета на Скопје.
Мицкоски ја посочи и постепената интеграција во ЕУ како можност што треба да се искористи. Во тој контекст ги издвои усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика, спроведениот скрининг и законодавството за јавни набавки, за кое рече дека неодамна било усвоено во Собранието.
Сепак, тој не даде потврда дека постепеното приклучување може целосно да го заобиколи спорот со Бугарија. Неговата порака беше дека постојат механизми за придвижување што треба да се разгледуваат и користат, додека паралелно се бара решение за билатералните прашања.
Премиерот не се обврза дека до крајот на мандатот ќе биде отворен кластер, образложувајќи дека таквиот исход не зависи исклучиво од Владата.
Потсетувајќи на отстапките што Македонија ги направила во минатото, меѓу кои промената на знамето и уставното име, тој оцени дека граѓаните имаат право да очекуваат извесност за тоа што добива земјата со секој следен чекор.
Мицкоски нагласи дека неговата одговорност е кон сите граѓани, независно од етничката, верската или партиската припадност. Според неговата оценка, поддршката за членство во ЕУ не значи и согласност тоа да се остварува по секоја цена.
За исправноста на таквата политика, рече, ќе одлучуваат граѓаните на избори. Доколку биде поразен, најави дека ќе им честита на победниците и ќе се повлече од политиката.
Пораката од интервјуто е дека Владата останува на европскиот курс, но очекува реформите и исполнетите критериуми да бидат основа за напредување. Разговорите со Софија ќе продолжат, а целта, според Мицкоски, е решение што ќе отвори јасен пат кон членство, наместо простор за нови неизвесности.
![]()

