Случајот со Ива и нејзиниот татко ќе добие и меѓународна димензија. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека прашањето за нивното испорачување ќе го отвори на состаноците на НАТО и пред меѓународните партнери, нагласувајќи дека сојузништвото подразбира и соработка кога станува збор за соочување со правдата.
Во гостувањето во „Click Plus“ на ТВ21, Мицкоски упати директно барање до бугарските власти да ги испорачаат лицата за кои, како што посочи, има меѓународна потерница. Неговата порака е дека партнерството во Алијансата не треба да остава простор една сојузничка држава да биде прибежиште за лица што ги бара правосудството на друга.

„Имаме меѓународна потерница. Ве молам, испорачајте ги“, порача премиерот.
Сепак, Мицкоски изрази сомнеж дека Софија ќе одговори позитивно на евентуалното барање за екстрадиција. Според него, сигналите што пристигнуваат од бугарска страна не даваат основа за такво очекување.
Тој го оспори образложението дека бугарското државјанство е пречка за испорачување, оценувајќи го како обид да се оправда непостапувањето. „Тоа не е образложение, туку барање алиби кое нема никаква врска“, рече Мицкоски.
Со најавата дека случајот ќе биде покренат и во НАТО, премиерот го поставува прашањето и во контекст на довербата меѓу сојузниците. Македонското очекување, според неговите пораки, е Бугарија да овозможи лицата што се бараат да бидат изведени пред правдата.
![]()

