Со самоуверен настап и недвосмислена политичка порака, Александар Николоски ја постави опозицијата пред најсуштинското прашање: дали зад критиките кон власта стои и подготвеност да се побара довербата на граѓаните? Неговиот став спои две јасни позиции – одговорност да се реализира добиениот мандат и подготвеност за изборно соочување доколку опозицијата го побара тоа.
Вицепремиерот и министер за транспорт, во гостување на Канал 5, порача дека Владата останува на определбата за редовни парламентарни избори во 2028 година. Како причина ја посочи потребата од стабилен период за работа, предвидливост за стопанството и реализација на проектите.
„Ние сметаме дека е потребно да имаме целосен мандат, со цел да има предвидливост за бизнисот и проектите“, истакна Николоски.

Оваа аргументација ја става во преден план суштината на владеењето: мандатот да се искористи за работа и резултати. Постојаното отворање изборни сценарија неизбежно го наметнува прашањето колку простор останува за спроведување на преземените обврски и за долгорочно планирање.
Сепак, определбата за редовен изборен термин, според пораката на Николоски, не значи затворање на можноста за предвремено гласање. Напротив, тој упати директен предизвик до опозицискиот табор.
„Во секоја пристојна демократија, опозицијата бара предвремени избори. Доколку опозицијата побара, ние тоа задоволство ќе ѝ го пружиме“, изјави Николоски.
Со тоа, политичката топка ја префрли кај СДСМ: ако партијата смета дека власта ја загубила поддршката, изборите се можност тоа да го провери пред граѓаните. Критиката е составен дел од опозициското дејствување, но барањето избори подразбира и подготвеност да се преземе ризикот од нивниот исход.
За барањата што доаѓаат од Левица и од Али Ахмети, Николоски изнесе оценка дека станува збор за несериозна работа.
Клучната порака од неговиот настап останува јасна: Владата ја претпочита стабилноста на редовниот мандат, но е подготвена да одговори и на изборен предизвик. Тоа е силно поставена политичка позиција, која од опозицијата бара подеднакво јасен одговор.
![]()

