Божиновска: Гасните врски со Грција и Србија се приоритет за посигурно снабдување

Гасните интерконектори со Грција и Србија, Вертикалниот гасен коридор и повторното ставање во функција на продуктоводот Солун–Скопје се меѓу проектите со кои Македонија работи на посигурно снабдување со енергија. Ова го истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на Седмиот министерски состанок на Партнерството за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) во Варшава.

На состанокот, претставници од Европа и САД разговараат за зајакнување на енергетската сигурност и стабилност. Божиновска се осврна и на пораката на полскиот премиер Доналд Туск дека енергијата е прашање на безбедноста и за Европа и за секое семејство.

Според министерката, регионалното поврзување и пристапот до повеќе извори на снабдување се приоритети за Македонија. Таа најави дека на панелот за европска енергетска безбедност, покрај инфраструктурните проекти, ќе ги претстави и активностите за воспоставување стратешки резерви и мерките за заштита на критичната енергетска инфраструктура.

Loading