ПАДНА МАСКАТА НА НАДПАРТИСКИОТ АКТИВИЗАМ: Преку „МАЖОСФЕРАТА“ се откри „ХЕЈТОСФЕРАТА“

Интервјуто на Анастасија Павловска од иницијативата „Ниту една повеќе“ за „Слободен печат“ отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори. Особено за тоа колку навистина е надпартиска борбата што толку гласно се претставува како заедничка, а колку е претворена во простор за политичко етикетирање, селективна осуда и идеолошко пребројување.

Најеклатантниот пример за оваа логика е токму обидот да се дефинира „мажосферата“. На прашањето што подразбира под овој поим, Анастасија Павловска одговара дека можеби постои некаква дефиниција, но таа би рекла дека „мажосфера“ се сите коментари што го поддржуваат Петар Богојески. Со други зборови, не е важно што навистина значи поимот, какви идеологии опфаќа и какви ставови промовира. Доволно е да поддржуваш човек што не им се допаѓа на активистките – и веќе си прогласен за дел од мажосферата.

Мажосферата како синоним за политичко несогласување и  етикета за луѓе што имаат поинакво мислење ?! Да се сведе сето тоа на поддршка за Петар Богојески не е само површно толкување на еден поим, туку негово политичко растегнување до точка на бесмисленост. Со таквата дефиниција, мизогинијата престанува да биде суштината на проблемот, а политичката симпатија станува главниот критериум за етикетирање.

А ако веќе постои мажосфера, тогаш очигледно е време да ја именуваме и нивната – хејтосфера, во која несогласувањето станува непријателство, а селективниот гнев се продава како морална супериорност

Тогаш се поставува прашањето: дали секој што не се согласува со иницијативата е дел од мажосферата? Дали секој што поддржува политичар надвор од нивниот идеолошки круг автоматски станува дел од некаква мизогина заедница? И, конечно, дали борбата против насилството врз жените треба да се претвори во лов на политички неподобни коментари?

Кога „мажосфера“ ќе стане назив за секој што поддржува за нив погрешен човек, тогаш веќе не зборуваме за борба против мизогинијата, туку за политичко етикетирање маскирано како активизам. Наместо да се разобличуваат вистинските појави на омраза и дискриминација, се создава нова категорија на непријатели – оние што не размислуваат или не поддржуваат според очекувањата на активистичкиот круг.

Особено е иронична позицијата на Марија Митева, која од петни жили побрза да се залепи за наративот на иницијативата и режираниот хејт кон Петар Богојески, без притоа да ги преиспита пораките што стојат зад него. А сега, кога истите активистки ја прогласуваат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за ПР-кампања, се наметнува прашањето: Марија Митева, сега ти е јасно кого и што поддржуваше? Или сè уште веруваш дека станува збор за надпартиска борба, во која единствено е проблематично од кој политички табор доаѓа поддршката?

Марија Митева, ако сè уште не ти е јасно што значи да се најдеш во туѓо сценарио, потсети се на оркестрираниот напад што го имаше кон Петар Богојески. Можеби тогаш ќе ти стане појасно зошто денес неговите поддржувачи се прогласуваат за мажосфера. Или можеби ќе треба уште еден напад врз него за конечно да ја препознаеш логиката на приказната во која се вклучи?

Логиката во интервјуто е прилично едноставна: ако некој не се појавил на протестот, значи не му е грижа; ако партија организира сопствен настан, тоа е ПР; ако политичари дадат поддршка, тогаш се обидуваат да ја присвојат борбата. Но, ако поддршката доаѓа од посакуваниот политички круг, тогаш таа очигледно добива поинакво значење. Така се создава чуден стандард во кој надпартиското важи само додека сите мислат и постапуваат според однапред утврдена линија.

Да бидеме јасни: насилството врз жените не е тема за партиско надмудрување. Секој случај на институционално непостапување мора да биде испитан, секоја пријава сериозно разгледана, а секој пропуст санкциониран. Но, сериозноста на проблемот не значи дека активистичките ставови треба да бидат ослободени од критика. Ниту трагедијата на жртвите може да биде штит од прашања за политичката селективност, јавната реторика и границите на активизмот.

Посебна димензија на овој активистички настап е морбидната сценографија со симболични гробови, крв и погребна симболика. Секако, трагедијата на убиените жени заслужува почит, а институционалната одговорност мора да биде предмет на сериозна и темелна расправа. Но, каде завршува достоинственото оддавање почит, а каде почнува спектакуларизацијата на смртта за потребите на јавен настап? Кога протестот сè повеќе наликува на морбидна театарска претстава, се наметнува прашањето што следува во режијата на следниот перформанс.

Уште малку крв, уште поексплицитна симболика, можеби и некој бизарен сценски реквизит? Само уште недостига следниот протест да добие елементи на секташки ритуал, па наместо јавна расправа за институционалната одговорност да гледаме натпревар во морбидност. Борбата против насилството треба да ја враќа човечноста во јавниот простор, а не да се натпреварува кој ќе ја претстави смртта во посилен сценски формат.

Loading