Што порача Сиљановска-Давкова од самитот во Охрид?

На 15-от состанок на лидерите од Процесот Брдо–Бриони, што се одржа во Охрид, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова испрати јасна и директна порака дека европската интеграција на Западен Балкан претставува безбедносен императив. Во својство на домаќин на самитот, заедно со копретседавачите на иницијативата — словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ — таа нагласи дека без целосна интеграција на регионот, Европската Унија остава геополитички простор, потенцирајќи дека поддршката што земјава ја добива од Словенија и Хрватска е недвосмислена и конзистентна.

На заедничката прес-конференција по завршувањето на состанокот во хотелот „Инекс Олгица“, Сиљановска-Давкова посочи дека процесот на проширување мора да биде предвидлив, објективен и заснован исклучиво на реалните реформи и Копенхагенските критериуми, наместо на постојано менување на правилата и билатерални условувања. Во тој контекст, таа децидно појасни дека од словенечката и хрватската страна не побарала да заземат страна или да арбитрираат во спорот со Софија, туку принципиелна поддршка за фер, кредибилен и одржлив пристапен процес во кој сите земји-кандидати ќе имаат еднаков третман.

Сиљановска-Давкова од Охрид: Проширувањето е безбедностен императив,  билатералните прашања не се поврзани со Копенхашките критериуми

Покрај европската перспектива, македонската претседателка стави посебен акцент на потребата од подлабока регионална поврзаност — инфраструктурна, економска, енергетска и образовна. Според неа, вистинската соработка меѓу соседите и конкретните проекти се клучни за подигнување на животниот стандард и создавање подобри услови за задржување на младите луѓе во регионот, со цел да се спречи нивниот сè поизразен одлив кон западноевропските држави.

На самитот во Охрид учествуваа и претседателите на Албанија и на Црна Гора, Бајрам Бегај и Јаков Милатовиќ, како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина — Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ. На маргините на настанот беа реализирани и повеќе билатерални средби насочени кон зајакнување на добрососедските односи и политичкиот дијалог. Хрватскиот претседател Милановиќ оцени дека состанокот поминал во досега најконструктивна и најпријатна атмосфера, со видлив напредок во меѓусебното уважување и разумното пристапување кон отворените прашања на Западен Балкан.

Ова беше трето домаќинство на Северна Македонија на Самитот Брдо–Бриони, иницијатива покрената со цел преку редовен регионален политички дијалог да се поддржат земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон полноправно членство во Европската Унија.

Loading