Кривични пријави за организаторите на протестот во Тирана и повеќе граѓани, меѓу нив и малолетници

По синоќешниот протест на опозицијата во Тирана, каде беа фрлени молотови коктели и други запаливи средства, врз објектот на владата и други државни институции, полицијата поднесе кривични пријави за тројца организатори, како и за учесници во протестот.

Кривични пријави се поднесени против генералниот секретар на Демократската партија, Фљамур Нока, координаторот на пратеничката група, Газмент Барди и организацискиот секретар Ервин Минароли. Тие се товарат за „Организирање и учество во незаконски собири и демонстрации“, соопшти албанската државна полиција.

Исто така информира дека е приведен Џ. Р. (57), жител на Тирана, за сторени кривични дела „Напад врз службено лице на должност“ и „Уништување имот со предизвикување пожар“.

Постапка се води и против Ф.Д. (31) и две малолетни лица на возраст од 16 и 17 години, жители на Тирана, за сторени кривични дела „Нарушување на јавниот ред и мир“, „Уништување имот“ и „Напад врз полициски службеник“. Се трага по девет лица од 17 до 62-годишна возраст под сомнение за сторени кривични дела „Нарушување на јавниот ред и мир“, „Напади врз службено лице“ „Уништување имот со пожар“ „Непочитување на правилата за експлозиви и запаливи материи“, се наведува во полициското соопштение.

Loading