Министерството за внатрешни работи денеска објави потерница по поранешниот адвокат Александар Ристески, поради истрага за сторено кривично дело според член 292 став 1 и член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тој е осомничен за предизвикување на пожарот во Адвокатската комора на Македонија на 25 ноември.
Несреќата се случила неколку недели по дисциплинската мерка која била донесена против него – одземање на лиценцата за период од три години.
Обвинителството вчера отвори истрага, а причинетата штета од пожарот се проценува на околу 150 илјади евра. Ристески рано утрото на 25 ноември дошол во зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со „фантомка“, по што со секира ја скршил влезната врата. Тој потоа наредил коцки за потпалување со керозин на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и ги потпалил со употреба на плинската запалка.
Триесетина минути по пожарот, Ристески избегал од државата преку граничниот премин Блаце кон Косово. Тој се товари за тешки дела против општата сигурност, за кои е предвидена повеќегодишна затворска казна.
![]()

