Демократската унија за интеграција (ДУИ) реагира по повод неодамнешните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ги како „директен напад врз политичкото делување“ и „злоупотреба на државните институции за задушување на етничките и политичките гласови на незадоволство“.
„Премиерот на нелегитимната влада денеска повторно јавно се закани на политичката активност на политичките партии, злоупотребувајќи ги државните институции за да ги задуши политичките и етничките гласови на незадоволство, со цел ширење на страв преку инструментите на државата. Овие техники на политички закани и прогон, користени во најмрачните периоди на комунизмот, нема да успеат. Албанците низ вековите израснаа под вакви закани од полицијата и државниот апарат чија цел беше потиснување на политичкиот активизам. Но, историјата докажала дека овие напори никогаш не успеале да ја спречат нашата волја за правда и еднаквост. Сите аргументи укажуваат дека нашите загрижености за јазикот се реални и базирани на факти. Затоа и постои широка мобилизација, надвор од партиските линии, за да се спречат обидите кои ја загрозуваат иднината на државата“, велат од ДУИ.
Во соопштението, ДУИ оценува дека овие чекори ги потсетуваат на времињата на тоталитаризмот и предупредува дека таквите методи нема да успеат.
„Албанците низ историјата ги преживеале сите обиди за потиснување на нивниот активизам. Ниту заканите ниту злоупотребите на државниот апарат нема да го замолчат стремежот за правда и еднаквост,“ се наведува во соопштението.
ДУИ истакна дека загриженоста поврзана со јазичната политика и другите чувствителни прашања е оправдана и базирана на реалноста. Според партијата, граѓаните, без разлика на нивната партиска припадност, се мобилизираат за заштита на демократијата и општествените вредности.
„Наместо провокации и поделби, премиерот треба да се насочи кон градење доверба меѓу заедниците. Заканите нема да го исплашат народот, кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правдата и еднаквоста,“ се додава во реакцијата
Партијата вели дека останува посветена на зачувување на мирот и стабилноста, но дека нема да толерира загрозување на правата на Албанците и останатите граѓани во државата.
Со ова, ДУИ нагласи дека е будна и подготвена, како што вели, да се спротивстави на, како што велат, неправедните притисоци и злоупотреби.
![]()

