ПОЗНАТИ ДЕТАЛИТЕ: Еве како точно и КОГА Артан Груби побегнал од Македонија!

Со дипломатско возило на стопанственик и со албански пасош – вака поранешниот вицепремиер Артан Груби ја преминал македонско-косовската граница, непосредно пред почетокот на полициската акција каде беше претресуван неговиот дом. Според информациите кои ги сподели премиерот Мицкоски, тој границата ја преминал со почесниот косовски конзул во Македонија – Арсим Папранику, кој исто така бил присутен во возилото. Папранику инаку е и бизнисмен кој е ко-сопственик на трговски центар во Скопје и сопственик на ланец продавници за бела техника во Косово, Македонија и Албанија. Сепак, Груби веќе бил на СТОП-листата и требало да биде спречен да ја напушти државата, потврдуваат од МВР за Канал 5.

„Наведеното лице во моментот кога ја минало државната граница имало забрана за напуштање на државата. Во наведениот случај полицискиот службеник бил докжен да не му дозволи излез од државата и да постапи согласно изречената забрана.“ – велат од МВР

Дека за пропустите на граничната полиција веќе се води темелна истрага вчера откри и министерот Тошковски, кој го опиша непречениот премин на Груби на границата.

„Лицето кое што го споменавте е излезен од Македонија откако дал патна исправа на граничната полиција, му е вратена патната исправа од граничната полиција и истиот оди во Косово, така е излезен.“

Покрај Груби, недостапен за органите на власта останува и екс-директорот на државна лотарија Перпарим Бајрами кој, според информациите, заминал исто така во правец на Косово пред повеќе од десетина дена и кој во моментов е недостапен за органите на прогон.

Груби, Бајрами и останатите се гонат за два одделни јавни повици и постои сомнение дека ги злоупотребиле овластувањата и должностите, иако биле свесни дека за пренесувањето на правото за приредување на електронски и интернет игри на среќа не биле исполнети законските усолви. Проневерата за која се гонат е над 8 милиони евра.

Loading