Обвинителството нема кривично да го гони внукот на лидерот на ДУИ, Дрин Ахмети, во врска со пиротехничките средства кои му беа одземени вечерта на 30 декември 2023 година, во неговиот автомобил „Ренџ Ровер“ со албански регистарски таблички, за време на полициска контрола во Скопје.
Од Обвинителството нагласуваат дека според извештајот, огнометот кој е пронајден и одземен, не е во големи количини што може да поведе кривично гонење и евентуална кривична одговорност, додека во прилог на тоа оди и фактот што Министерството за внатрешни работи како релевантен орган за инцидентот поднел известување, а не кривична пријава до Обвинителството.
„Во текот на постапката беше утврдено дека не се исполнети законските обележја на кривичното дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 од КЗ, ниту пак на било кое друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност“, велат од ОЈО.
Сепак, Обвинителството констатирало дека има само прекршок, за што е предвидена глоба од 200 до 400 евра. Прекршокот се однесува само на немање дозвола за превоз на пиротехнички средства. Обвинителството посочува дека Ахмети за нивна набавка имал фактура од продавница специјализирана за продажба на пиротехника.
Откако медиумите објавија дека Обвинителството се повлекло од барање кривична одговорност, оттаму појаснија дека не е точно дека Јавното обвинителство се повлекло од гонење на наведеното лице.
„Не е точно дека Јавното обвинителство се повлекло од гонење на наведеното лице. Напротив, по целосно спроведена предистражна постапка и наредено вештачење, обвинителството ги обезбедените докази утврдуваат прекршочна одговорност на лицето и издаде Наредба до МВР – Биро за јавна безбедност – СВР Скопје со која побара поведување на прекршочна постапка против пријавениот согласно одредбите од Законот за заштита од експлозивни материи. Во однос на кривична одговорност, вешто лице изврши увид и анализа на запленетите пиротехнички средства и детално констатираше поединечно за каков вид на пиротехнички производи станува збор. Согласно извршеното вештачење, во конкретниот случај се работи за 7 петарди и 15 кутии со ракети за огномет, чии испалувања биле евидентирани поединечно, но во суштина се поврзани и претставуваат една целина. За набавката на огнометот пријавениот поседувал фактура од правно лице чија што дејност е продажба на пиротехнички средства, а за изведба на огнометот било ангажирано друго правно лице“, велат од Обвинителството и додаваат:
„Согласно извештајот, предметниот пиротехнички материјал кој бил пронајден и одземен не е од поголемо количество кое може да иницира кривичен прогон и евентуална кривична одговорност, а во прилог на тоа говори и фактот што Министерството за внатрешни работи како надлежен орган за настанот достави известување, а не кривична пријава до обвинителството.
Сепак, јавниот обвинител, постапувајќи и испитувајќи ги сите околности, утврди дека лицето не поседувало одобрение за превезување на пиротехничките средства како што налага Законот, нешто што претставува прекршок за кој Законот за заштита од експлозивни материи има посебни прекршочни одредби во чл.69 и за кои е предвидено да се води прекршочна постапка од страна на комисија во Министерството за внатрешни работи“.
![]()

