„Фокус“, неофицијално, повикувајќи се на високи владини извори објави дека Владата и надлежните институции располагаат со информации дека Груби не се задржал на Косово, туку дека заминал за Албанија, каде моментално престојува.
Поточно,пишува Фокус, добро упатени извори велат дека тој се наоѓа во место во близина на Драч, лоцирано покрај Јадранско море, во објект кој не е во негова сопственост. Во таа насока, веќе 2 години има посебен режим според кој косовски и албански државјани непречено се движат низ двете држави, без да минуваат гранична контрола.
„Истите извори велат дека неговиот близок соработник Бајрами неколку месеци бил на Косово, но немаат информација каде се наоѓа сега. Сепак, располагаат со кредибилни сознанија каде е ексдиректорот на ЕСМ Ковачевски. Иако одредени информации одеа во насока дека тој се наоѓа во некоја од европските земји, меѓу кои се споменуваа Грција и Австрија, сепак, нашите соговорници велат дека тој заминал на многу подалечна дестинација, поточно во Нов Зеланд, каде имал роднини и пријатели“, дознава Фокус,
Ковачевски е опфатен со истрагата за спорната набавка на адитив за котлите во РЕК Битола, тешка 6,5 милиони евра. Во оваа истрага, осомничени се 23 лица, но Ковачевски не се терети дека бил дел од организацијата која ја направила сомнителната јавна набавка, туку за несовесно работење, а се водат многу постапки каде се испитуваат набавките на јаглен, ископите, ремонтите, што се случуваше во време кога прв човек на ЕСМ беше токму Ковачевски.
![]()

